Бајката на фудбалскиот клуб од крајниот север кој ги потопи Мурињо и Рома

Кај нас познат како Бодо Глимт, во Норвешка го викаат Буда Глимт, а низ Европа Буде Глимт. Било како било, овој клуб сензационално ја згроми Рома на Мурињо 6:1, резултат кој одекна како експлозија во Европа. Да го запознеме одблизу.

Бодо Глимт во 2020-та година за првпат во својата историја стана шампион на Норвешка.

За бајката да биде прекрасна, овој клуб како второлигаш се пласираше во првата норвешка лига во 2017/2018, а веќе во 2019-та заврши втор, како вицешампион зад првакот Молде и играше во Лига Европа.

Во 2020-та после 26 кола во сезоната која што во Норвешка лани се играше од 16 јуни до 22 декември 2020 (поради зимски временски услови, сезоната ја играат обично од април/мај до ноември а сега доцнеа со старт поради вирусната пандемија), Бодо Глимт собра 71 бод од можни 78 (рекорд во Норвешка).

Имаа 13 победи на 13 домашни натпревари. Постигнаа 90 гола, во просек по 3,5 по натпревар. Победуваа 7:0, 6:0 а дури три пати 6:1.

Половина од составот им се деца од нивната академија, родени на северот од Норвешка. Ниту еден играч не им е постар од 29 години.

Интересно, заменик капитен на екипата, 23-годишниот Патрик Берг кој игра во среден ред, е претставник на дури четврто колено од генерацијата која играла за клубот: татко му Орјан (сега е спортски директор на Бодо), чичковците Арилд и Рунар, дедо му Харалд и прадедо му Хнут. Неверојатна историја на поколенија. Дедо му Харалд му го донел првиот пехар на клубот, и тоа во Купот во 1975. година.

Патрик Берг станал прв кој ја освоил шампионската титула со клубот кој во 105-годишната историја (основан 1916) најчесто играл во втора или трета лига.

ВОЕН ПИЛОТ Е ЗАДОЛЖЕН ЗА ПСИХОЛОШКАТА ПОДГОТОВКА НА ИГРАЧИТЕ

Интересно од 2017-та година во Бодо Глимт работи Бјорн Мансверк (официјална должност му е тренер за ментал). Бјорн нема апсолутно никакво фудбалско минато, тој служел како воен пилот во воено-воздухопловните сили на Норвешка и учествувал во борбените дејства на територии на Авганистан и Либија.

Од каде воен пилот во клубот?

Во градот Бодо има база на НАТО, а тука е и воено-воздушната база и норвешкиот ракетен комплекс NASAMS. Во време на Студената војна Бодо бил важен стратешки пункт поради блискоста со СССР. 

Овој град има жална воена историја зошто голем дел бил срушен со нападите на Луфтвафе во 1940. година. Од последиците од бомбардирањето градот се опоравувал 20 години.

Бјорн Мансверк дошол во Бодо кога биле во втора лига, а сега еден од најзаслужните за историските успеси (титула, пласман во Европа, чудо против Рома). Тој прво викал дека фудбалот е досаден ама како што се развивал клубот, така и Мансверк го привлекувала играта.

Тој вели дека има два клучни принципи на работа: прво никаква присила и принуда. Кој не сака да се занимава со психолгија не мора да се занимава. Второ, тој не се смета за тренер, туку дека неговата задача е да им помогне на фудбалерите да ги решат психолошките проблеми, а не од нив да направи идеални играчи програмирани на успех.

Интересно, тој во текот на неделата има состаноци со играчите, најчесто тет-а-тет околу 30 минути и секој си ја кажува својата мака. Пред тренинг имаат медитација, а негов изум бил и после секој примен гол да се соберат во круг и да се гушнат. „Тоа е само идеја, ако фудбалерите чувствуваат потреба да се соберат и гушнат, ќе го направат тоа“.

Заменик капитенот на екипата, Патрик Берг кој играше и во историскиот триумф од 6:1 против Рома еднаш рекол:

„Отворено разговараме со Бјорн за секое прашање, разговараме на такви теми кои во другите клубови би ги сметале за слабост на карактерот“.

СЕВЕРОТ НА НОРВЕШКА СТАЛНО Е ЗАПОСТАВЕН ОД ЦЕНТРАЛАТА, А КЛУБОТ БОДО ГЛИМТ ОДГОВОРИЛ СО ПРЕКРАСЕН СИСТЕМ НА УПРАВУВАЊЕ

Бодо (или Буде, како ви е помило), е најсеверната точка во норвешкиот железнички систем. За Норвешка тука завршува железничкиот сообраќај.

Меѓу двата северни града кои имаат ривалски клубови, Тромзо и Боде има 532 километри или 8 ипол часа возење со автомобил.

„До 1971 година северните клубови не ги пуштаа во норвешката прва лига. Сметаа дека сме слаби за да конкурираме со јужните клубови. Нашиот фудбал го нарекуваа примитивен. Тоа излегуваше надвор од рамките на спортот. Луѓето од југот сметаа дека на север живеат рибари и земјоделци. Многумина ден-денес веруваат во тоа. Во Осло еднаш видов оглас за стан во натпис: „само не за луѓето од север“, вели Орјан Берг, татко на Патрик Берг, вработен во спортскиот сектор во Бодо Глимт.

Овој клуб е основан во 1916-та и, во 105 години постоење освоил само 2 трофеи: во Купот на Норвешка (1975 и 1993). Лани за првпат станаа шампиони: на убедлив начин, со еден куп голови, на 5 кола пред крај ја освоија титулата.

Буде е необичен град во истоимениот реон, на крајниот север од Норвешка, на околу 1.200 километри од Осло (16 часа пат). На последниот попис од 2018-та имал 41.215 жители.

Во 1975-та Бодо Глимт го освоил својот прв трофеј во клупската историја. Тоа не само што многу ги погодило јужњаците, туку и го забрзало развојот на фудбалот на северот. Рекордерот по број на настапи за Бодо Глимт, Рунар Берг (брат на Орјан) вели: „Купот стана уникатен за северниот фудбал. Во 1975-та фудбалот ги надмина лизгачките спортови по популарност“.

Арилд Берг, брат на Рунар и Орјан не дочекал да ја прослави шампионската титула. Тој починал на 43 години, на само неколку месеци пред историскиот настан, а тој бил меѓу првите кои ја развиле клупската академија и новиот менаџмент.

„Бодо Глимт во јуни 2020-та го позајми Сондре Фет, од втора лига. Сега тој стана еден од најдобрите фудбалери во првата лига. Тоа е феноменален развој. Сите знаеа дека клубот има одлично поставен систем, но такви резултати не очекуваше никој. Да се види Бодо во Лига на шампиони ќе биде нешто надреалистично. Тоа може само на Football Manager“, вели норвешкиот новинар Симон Педерсен. 

Голема заслуга за развојот на младите играчи има и тренерот на Бодо Глимт, Кјетил Кнутсен. Тој одлично ја познава втората лига па затоа скромниот Бодо Глимт често се засилува со фудбалери кои претходно никогаш не играле во најдобрата лига на Норвешка.

Кнутсен преферира формација 4-3-3, посед на топка и моќен пресинг. Одличната физичка подготовка на сите играчи на Бодо Глимт овозможува екипата да врши притисок сите 90 минути.

Тренерот бил воркохолик. „Во целост сум посветен на работата. Никакви социјални мрежи, само напорна работа и орање. Понекогаш се чувствувам осамено ама во тоа е тајната. Дури и ако дадеш 98% од вашето време и енергија, понекогаш и тоа не е доволно за успех“, вели човекот кој ја прегази Рома и му го нанесе најтешкиот пораз на Мурињо во кариерата - 6:1.

Во Бодо Глимт има многу Англичани со работно искуство од Чемпионшип па дури и Премиер лига. Директорот на академијата на клубот е Грег Бротон кој работел во Норич Сити и во Лутон. Специјалист за физичка подготовка е Мајк Браун кој работел во Нотс Каунти и Хал Сити. Том Дент бил одговорен за тимот до 19 години (У-19) но подоцна почнал самосостојна работа во второлигаш.

Оријан Берг е главен чувар на традицијата. Тој како спортски директор развојот на клубот го гледа во талентираните деца од северот на Норвешка. Еден од нив е и младиот Јенс Петер Хауге кој блесна против Милан во Лига Европа, постигна фантастичен гол на „Сан Сиро“ и само неколку дена подоцна италијанскиот гигант го купи за 5 милиони евра - рекорден трансфер за Бодо Глимт.

„Мечот со Милан беше прв во мојот живот кој сум го гледал репризно. Не се откажавме од нашиот стил и вршевме пресинг дури против големиот клуб на Сан Сиро. Неверојатно!“, рекол еднаш Орјан Берг.

Голман на норвешкиот шампион е Русинот Никита Хајкин кој како мал ги поминал школите на Челси, Портсмут и Рединг.

После Англија, овој голман кратко бил во португалски Насионал, се вратил во Русија каде играл за Мордовија и Кубан, па бил во Израел каде го освоил Купот. Пред да дојде во Бодо Глимт тој бил на проба во норвешки второлигаш но таму не успеал.

„Не кријам: Бодо Глимт беше моја последна шанса. Дури си дадов и збор: ако и тука не пројдам на проба, ќе завршам со фудбал“, рекол Никита Хајкин кој бранеше одлично на мечот против Рома во Лига на Конференции каде Бодо Глимт веќе има 7 бода и е прв на табела.

Бодо ја прославил првата историска шампионска титула во 2020-та на прекрасен начин: над градот пролетале парадерни воени авиони, Арктичкиот Филхармониски Оркестар снимил посебна песна посветена на северот на Норвешка која што ја пеат на секој домашен меч. Локалните пивари исто го поддржуваат Бодо Глимт и за шампионската титула изработиле специјално светло пиво со уникатен дизајн.

Светот уште еднаш слушна за бајката од студениот север на Норвешка на 21 октомври 2021-ва кога ја демолираа Рома на Жозе Мурињо во Лига на Конференции.

Во првиот дел од мечот резултатот беше 2:1 и не беше толку лош за Рома. На полувреме Жозе Мурињо реши да направи тројна измена (влегоа Шомуродов, Кристанте и Михтарјан) но децата на норвешкиот клуб до врв ја наполнија мрежата на противникот и славеа со неверојатни 6:1.

Ова беше најтежок пораз на Мурињо во кариерата. На 1008 натпревари како тренер тој најубедливо изгубил само во 2010-та (5:0 од Барселона како тренер на Реал).

Јунак на триумфот беше шпицот Ерик Ботхејм (21) кој даде два гола, намести уште три и заслужено беше прогласен за играч на мечот. Ботхејм е позајмен од Розенборг и важи за добар другар на Ерлинг Халанд со кого пред неколку години како деца снимиле и некоја песна.

Рома редовно го срами своето реноме со рекордни порази за насловни страни. Во Италија во Купот во 2019-та изгубија 7:1 од Фиорентина, а во еврокуповите два пати доживеаа голем срам, 7:1 од Манчестер Јунајтед и 1:7 дома од Баерн Минхен.

Бодо Глимт во четвртокот вечер создаде дури 19 опасни шанси и реализираше шест од нив. Рома имаше само четири добри шанси но искористи само една. По бројот на удари Бодо издоминира максимално 13:7 (Римјаните само два пати шутнаа во рамки на голот).

Интересно, околу 400 ултраси на Рома решија да гостуваат на крајниот север од Европа што е сосема добра бројка во услови на пандемија, но таму го доживеаа најголемиот кошмар откако одат на стадиони. Играчите на Рома после мечот мораа да им се извинуваат на тифозите пред гостинскиот сектор за најголемиот срам во клупска историја.

Од друга страна, најубава бајка во клупската историја испиша Бодо Глимт, клубот кој заслужено се најде на насловните страни на сите спортски медиуми ширум светот.

Ерик Ботхејм на времето, во 2016-та снимил рап песна со другар му Халланд