Фудбалерите на Борусија беа поконкретни на стартот. Левандовски во 13 минута сам си создаде прилика за гол со удар од 25 метри, но Ноер успеа да го скроти шутот кој одеше директно во горниот лев агол. По само една минута Блашчиковски имаше употреблива топка по изведениот корнер, но чуварот на мрежата на Баварците повторно беше поуспешен.
Баерн Минхен никако не успеваше да создаде шанса за гол, а „Милионерите" продолжуваа да ги редат шансите и многу лесно стигнуваа до шеснаесетникот на противникот. Втората половина од првиот дел им припадна на фудбалерите на Баерн кои конечно успеаа да се заканат по голот.
Во 26 минута Баварците во два наврати се заканија со глава. Најпрвин преку Манџукиќ кој ја погоди пречката, а веднаш потоа Марио Гомез биеше над голот. По четири минути Робен доби употреблива топка по неговата десна страна, но не успеа да го отвори резултатот. На 3 минути до крајот на првото полувреме имаше уште една шанса но биеше во лицето на голманот на Борусија.
Во второто полувреме Баварците конечно направија една од нивните препознатливи акции. Рибери ја протна топката во шеснаесетникот, одлично влета Робен кој асистираше до осамениот Манџукиќ кој го отвори резултатот во големото германско финале.
Радоста на Баварците траеше само 7 минути. Дефанзивецот на Баерн, Данте реагираше несмасно во шеснаесетникот и го фаулираше Ројс. Италијанскиот арбитар, Никола Рицоли не се двоумеше и покажа на белата точка од каде Гундоган не погреши и го израмни резултатот.
Најсериозната шанса по израмнувањето ја имаше Алаба кој испрати "бомба", но Вајденфелер го скроти прекрасниот шут на дефанзивецот на Баерн. По само неколку минути Швајнштајгер биеше силно но голманот на Борусија беше повторно на место.
Победникот на првото германско финале од Лигата на шампионите беше решено на само една минута до крајот кога Рибери го пронајде Робен кој одлично се снајде во шеснаестникот и го постигна победничкиот гол.