На 13 ноември 2017-та на Сан Сиро, Шведска и одигра 0:0 на Италија. Тоа значеше Адио Мондиали за прв пат после 1958-ма година. Шамар, многу поголем од оној кој уште ги боли од Јужна Кореа на СП 2002.
На горчливото чувство од сегашните јунаци и европски прваци се сеќаваат Бонучи, Кјелини, Бернардески, Флоренци, Имобиле, Белоти, Инсиње и Донарума. Играа на тој меч и многу добро знаат што значи да се плаче од радост, но и од мака.
Од Вентура до Манчини помина малку во временска дистанца, ама се случи многу. Разликата е голема и ветувањата исполнети. Не е ова иста приказна како нашата, ама потсеќа. Дојде Мрме, ја зема репрезентацијата на дното, ја обедини, постави цел пласман на Европско и успеа.
„Нашата репрезентација е свесна дека претставува фантастичен и решителен народ и поради оваа причина, јас заедно со мојот стручен штаб и 26-те момци кои ќе се појават на терен, ќе ги искористиме сите моменти од оваа манифестација да ја почестиме земјата што ја претставуваме. Ќе се појавиме свесни за силата на италијанскиот дрес и народ, но и со одговорност бидејќи ја претставуваме една од најсилните и најубавите земји во светот. Обединети под единственото сино небо, облечени во сино ќе му се придружиме во единствениот хор што обединува повеќе од 60 милиони Италијанци. Форца Аѕури“, рече Роберто Манчини.
Тој направи репрезентација која стана сакана од првата минута против Турција сè до последниот пенал против Англија. Репрезентација која заслужено доби пофални збори за стилот на игра од една Шпанија која наметна доминантен фудбал со кој не можеше да им се земе ни топка, ни трофеј.
Ова што го игра Италија не е катеначо, личат на Барса на Гвардиола. Тимот на Манчини е пример за стилска промена во фудбалот, пишуваа шпанските весници. Роберто е поранешен напаѓач кој наметна напаѓачка игра со која освојува трофеи каде и да оди, Фиорентина, Лацио, Интер, Манчестер Сити, Галатасарај, а сега и во репрезентативна конкуренција.
Создаде фамилија со играчи кои се големи ривали во Серија А и кои успеаа да се вклопат и да се обединат фудбалски после ланската грда пролет во која броеа жртви во колони камиони. Таа болка нема врска со оваа радост, но песната за време на балконите во карантин за претвори во крик во оваа волшебна ноќ, пишува Газета.
На 14 мај 2018-та Манчини стави потпис на договор кој го врзуваше со репрезентацијата да започне пат кој треба да стигне до врвот. Задачата е неблагодарна, а тоа е да им ја врати селекцијата која исчезна во онаа тажна ноќ на Меаца. Прво требаше да го врати кредибилитетот.
Две недели подоцна играше пријателска против Саудиска Арабија, потоа дојдоа Лига на нации и редовните квалификации за ЕП 2020. Малку по малку, Италија на Манчини се оформуваше.
Следуваа пораз на пријателска од Франција, 3:1 во Ница, нерешени со Холандија и Полска и пораз од Португалија во Лисабон од 1:0. Беше 10 ноември 2018-та. Од тогаш поминаа 975 дена или повеќе од 84 милиони секунди. Италија на Манчини повеќе не загуби натпревар.
Серијата ја отвори со 1:1 против Украина во Џенова и стигна до неверојатна серија од 34 натпревари без пораз или 27 победи и 6 нерешени. Тоа е апсолутен рекорд во историјата на оваа фудбалска земја.
Сруши стар рекорд кој датира од 40-те, оној на Виторио Поцо кој меѓу 35-та и 39-та врза 30 меча без пораз и освои два Мундијали по ред. Вакво нешто може некој нема да го нарече ремек дело, но тоа би било погрешно.
Во солзите на Манчини и прегратките со помошникот Виали и фудбалерите, се крие неговата радост за величествениот успех кој го заслужи. Оваа Италија игра фудбал.