
И покрај тоа што ФИФА строго забранува трансфер на малолетни играчи во странски клуб или академија, клубот Чампасак Јунајтед од Лаос во својот состав има 23 дечиња од западно африканските земји.
Чампасак е сместен во јужниот град Паксе и е основан неодамна, а сè со цел да профитира од идните трансфери на талентираните фудбалери од Африка. Клубот сериозно ги прекршува правилата на ФИФА, но и покрај тоа сезонава натпревари играле исклучиво 14 или 15 годишни деца.
Либериецот Кесели Камара (14), кој постигнал гол и често ги играл сите 90 минути од натпреварите бил присилен да потпише 6-годишен договор пред да заигра за сениорскиот тим. Според договорот му ветиле плата и сместување, но Камара во изјава за БиБиСи вели дека ниту некогаш земал пари, а спиел на земја во клупскиот стадион.
„Лошо е затоа што не може 30 луѓе да спијат во една соба која нема прозори. Просторот е сув и брзо се загрева. Нема никакви услови за живот“, вели Камара кој се вратил во Либерија и сега игра за водечкиот клуб во татковината.
„Академијата е фиктивна и никогаш не била легална. Во неа нема ниту тренер, ниту доктор. Кармо е и тренер и бизнис менаџер и доктор и сè. Тоа е апсурдно“, вели за БиБиСи новинарот од Либерија Влех Бедел кој во февруари водел една група на Лаос а потоа видел колку е часот.
Децата кои се вратиле во Либерија изјавиле дека биле сиромашно хранети, не биле плаќани и не добивале никаква медицинска помош иако меѓу нив имало и заболени од маларија поради мизерните услови за живот. Во Европа се ретки кршењата на правилата со договори за деца под 18 години, но Барселона во моментов отслужува казна за тоа што нелегално потпишувала договори со малолетни деца од целиот свет.