Еден е Меси, тоа не е спорно. Сезонава постигна 46 голови само во шпанската Премиера, минатата година 50, освои 4 златни топки по ред и сруши еден куп рекорди кои веќе престанавме и да ги броиме. Но челните луѓе на Барселона никако да најдат идеално решение за напаѓачко дуо кое би било незаменливо во нападот, па мораше да потрошат многу пари.
Во 2007 година за сума од 19 милиони на „Камп Ноу" дојде Тиери Анри на 30 години. Остана 3 сезони но не го видовме во константно добра форма како во времето во Арсенал. Во втората година беше одличен со 19 првенствени гола, но во следната разочара со само 4 погодоци.
Потоа Каталонскиот тим направи бомбастичен трансфер и за сума од 40 милиони евра го донесе Златан Ибрахимовиќ на кој не "му легна" баш шпанскиот фудбал. На 29 меча постигна 16 гола, премалку за неговите квалитети. За Милан во сезоната 2011/2012 постигна 28, а годинава во ПСЖ блесна со 30 гола.
Барселона направи уште еден силен трансфер и од Валенсија го доведе голгетерот Давид Виља кој чинеше исто колку Ибра. За издвојување е неговата прва сезона кога имаше најголема минутажа, но во последните 2 сезони многу често ја грееше клупата, а ова лето најверојатно ќе се збогува со клубот.
Сума од речиси 40 милиони евра раководството на Барселона издвои и за Чилеанецот Алексис Санчез од Удинезе. Дебитанската година му беше солидна, но изминатава сезона беше критикуван од страна на навивачите.
Вчера на „Камп Ноу" беше претставен најдобриот играч од Бразил пред рекордни 57.000 навивачи, 344 новинари од 15 земји кои доаѓаа дури и од Јапонија, Кина, Аргентина, Бразил, Мексико и Катар само за да известуваат во живо за најбомбастичниот трансфер ова лето.
Барселона за Нејмар плати 57 милиони евра, и во поледните 5 години потроши дури 231 милион евра за да го пронајде соиграчот на Меси во нападот на Барселона, кој би бил од голема корист и би го растеретил во играта.