
Бидејќи нашите ценети сограѓани се ретко естетски надарени за несекојдневен ентериер, The Man Repeller е совршено место за копање по идеи и по естетиката на некои други луѓе, што живеат таму некаде, далеку.
Секоја чест на нашите исклучоци, се делат на две категории: првата се луѓе што по секоја цена одлучуваат дека лично нивниот стан ќе изгледа како нешто што се гледа во списание и се посакува и се воздивнува по него. Втората се луѓе што тоа можат професионално да го обезбедат, а ретко кој им дава шанса, фаќајќи се за „а бе, класика си е класика, двоседче, троседче, комодиче, кујна боја 'бебине каке'...”
Таа па нијанса на дрво, мислам дека е цреша во прашање, ама што знам јас кога не бев доволно паметна да се запишам во стручниот дел на Ѓорѓи Димитров - треба да се забрани со закон. Да ја нема. Да смее да се користи само префарбана. Да доаѓа ентериерна полиција и да апси.
Нејсе.
Овде живее една Наоми Кан, основач на half-mad.com. Станот е на Апер Ист Сајд во Њујорк. Живее со сопругот и два, многу важни француски булдози.

Ова ѝ е трпезаријата. И додека сте овде, сè уште не ви требаат наочари со затемнети стакла.

Ова е кујна. Нијансата на елементите - за малце па криминална. Ама ќе простиме. Бикоз, наскоро се ближи делот со клавирот.

Напорните чинии навестуваат дека ќе имаме работа со луѓе што уживаат во разни бои. И плус, што успеваат некако да направат вистина од „све ми боје лепо стоје.”

Еве го клавироооот. Значи треба да ти текне. Дека ќе имаш ваков (петролеј?) ѕид, со три чудни, а скроз функционални портрети, дека пред него ќе има розево пијано, а пред него ќе има црвена клупа. Ете така, треба да си малце опседнат со „Алиса во земјата на чудата”.

Што овде е случај, како што ќе видиме за некоја слика.

Многу е фино ова со дебели, вонсериски јако дизајнирани книги со тврд повез на маса во дневна. Просто вришти од претенциозност и „глеј шо сум современ”, ама ич, ич не ми смета. Фешн овде, фешн онде. Имам ја огромна книга со тврд повез „Вуди Ален на филм” ама немам маса и стан, тоа малку така е проблематично, ама ќе го решиме.

Ете ја Алиса. Има уште еден доказ.

Ако не почнавте да осеќате притисок во очи, веројатно сега ќе почне кај и да е. Супер е централниот портрет со едното дете.

И супер се овие детали. Кога ќе се навикнете на боите, ќе видите дека се работи за едно многу автентично, многу бувљак парче мебел. Јако е.


Еве. Безбедно е сега да претпоставиме дека домаќините сакале да го претстават лудилото на Луис Керол во вид на ентериер?

Ако не во вид на ентериер, тогаш барем низ гардероба?

И на крај, да е ваш станов, секогаш кога ќе ви скурчат боите и кога ќе ве заболи глава, овде одма ќе ви биде подобро:

Ако некој наш има ваква ситуација по дома, да го пријавите.
Уште шарено: Би живееле ли на брод?
Уште малку шарено, ама не е брод - стан и мудрости за уредување по дома.
Плус: Како станов?
 
 
 
