
Се проценува дека околу 170 милиони жени во светот живеат со оваа состојба, но таа и понатаму често останува недијагностицирана, погрешно разбрана или занемарена - и од пациентите и од лекарите. Еден дел од проблемот, според дел од експертите, можеби доаѓа токму од самото име, па затоа меѓународна група лекари, пациенти и застапници веќе 14 години се залага за негово менување. Но, не сите се убедени дека новото, посложено име е вистинското решение.
Што всушност е PCOS?
PCOS е првенствено хормонално нарушување. Иако сите луѓе имаат и естроген и тестостерон, се проценува дека кај 5% до 10% од жените постои зголемено ниво на таканаречени „машки“ хормони. Оваа хормонална нерамнотежа може да се манифестира на различни начини - кај дел од пациентките симптомите се минимални, но кај други се појавуваат нередовни циклуси, зголемена појава на влакна, акни и опаѓање на косата. Околу 20% од жените со PCOS пријавуваат и болка поврзана со состојбата.
PCOS е исто така една од најчестите причини за проблеми со плодноста. Меѓу 8% и 13% од жените со оваа дијагноза имаат потешкотии со забременување, а сепак, лекарите нагласуваат дека ова е една од формите на неплодност кои најлесно се третираат.
Како што објаснува д-р Карл Хансен, репродуктивен ендокринолог од Универзитетот на Оклахома, дијагностичките критериуми долго време биле фокусирани речиси исклучиво на репродуктивните симптоми. За да се постави дијагноза, пациентката мора да има најмалку два од три критериуми: нередовни или изостанати циклуси, зголемена појава на влакна и полицистични јајници видливи на ултразвук - и тоа под услов да нема друго објаснување за симптомите.
Но денес е јасно дека состојбата е многу поширока - влијае и на метаболизмот и на ендокриниот систем, со последици што можат да се одразат на целокупното здравје. Се проценува дека околу 80% од пациентките имаат инсулинска резистенција, а ризикот од дијабет тип 2, дебелина, нарушен сон, депресија, заболувања на црниот дроб и срцеви заболувања е значително повисок.
Зошто ново име?
Според дел од експертите, старото име е ограничувачко и погрешно, бидејќи се фокусира само на јајниците, иако тие се само дел од проблемот. „Цистите“ се повеќе знак на состојбата отколку нејзина причина и дополнително, третманот на пациентките често бил фрагментиран. Една жена може да оди кај гинеколог за циклусот, кај дерматолог за акни или кај специјалист за плодност - без да постои еден координиран пристап.
Новото име PMOS има цел да укаже дека станува збор за состојба што опфаќа повеќе телесни системи - ендокрин, метаболички и репродуктивен - и да поттикне поцелосен пристап во дијагноза и третман.
Така ново, името отвора дебата - една од главните критики е дека промената на терминологијата може да создаде дополнителна конфузија. Новото име е уште подолго и покомплексно од старото, кое и онака не беше лесно за разбирање.
Од друга страна, дел од експертите сметаат дека промената е важен чекор кон подобро разбирање на состојбата. Се посочува дека PCOS често бил недоволно истражуван и недоволно приоритетизиран во медицината, и дека новото име барем ја нагласува неговата комплексност.
Што значи ова за пациентите?
За повеќето пациенти, промената веројатно нема веднаш да донесе голема разлика во секојдневието. Но со тек на време, можно е во медицинската пракса да се користи терминот PMOS наместо PCOS. Поддржувачите на промената се надеваат дека таа ќе ги поттикне лекарите да ја гледаат состојбата пошироко - не само преку еден симптом, туку како комплексен проблем што бара мултидисциплинарен пристап.
Идејата е да се помести фокусот: од третирање на поединечни симптоми кон третирање на целиот пациент.