
Психологот Жељка Каменов во подкастот PSIHOLOGiJA објаснува дека проблемот не е само во стравот од одбивање, туку во нешто многу помодерно: претераното анализирање. „Што ако не ми врати?“, „Што ако испадне чудно?“, „Што ако ова не води никаде?“ - и пред човек воопшто да направи прв чекор, веќе има замислено десет можни сценарија и нивните катастрофални завршетоци.
Токму тоа „overthinking“, како што се нарекува и онлајн, станува една од најголемите пречки за зближување. Наместо луѓето едноставно да дозволат нешто да се развива природно, тие однапред ја анализираат секоја порака, секој лајк и секоја можна последица.
И да, малку е и до технологијата: Порано луѓето најчесто запознаваа партнери преку школо, факултет, работа или заедничко друштво. Кругот беше помал, ама пореален. Денес, преку Инстаграм, ТикТок или дејтинг-апликации, постои чувство дека „сите ни се достапни“ и токму тука почнува проблемот. Кога изборот изгледа бесконечен, луѓето потешко се одлучуваат - секогаш постои чувство дека можеби следниот профил е „подобар“, поинтересен, поубав, посовршен. А социјалните мрежи дополнително создаваат нереални стандарди - филтрирани фотографии, внимателно прикажани животи и внимателно избрани моменти поради кои многумина чувствуваат дека не се „доволно добри“.
Па наместо спонтаност, се појавува калкулација.
Многу млади денес не приоѓаат на потенцијални партнери затоа што се срамежливи, туку затоа што премногу размислуваат. Анализираат ситуации што сè уште не ни се случиле. Сакаат однапред да знаат како ќе заврши приказната пред таа воопшто да почне, а иронијата е дека токму поради тоа често пропуштаат шанси што можеби навистина би вределе.
На крај, пораката е прилично едноставна, само некој треба темелно да им објасни: не мора веднаш да знаеш каде води нештото, доволно е да го направиш првиот чекор.
Сè друго доаѓа подоцна.