Off Topic

Во револуција меѓусебно се кинат глави

Во приватните медиуми толпата таму нема што да бара. Никаква правда „по кратка постапка“! Ако дозволите да завладее бран на јакобински бес – сетете се само на Француската револуција – на крајот ќе завршите така што ќе се свртите едни против други и меѓусебно ќе си кинете глави. 

Се моли вештачката интелигенција АПЛА да ни попушта

Некој со помош на вештачка интелигенција креирал слатко детенце со кринџ фалби за Македонија (сонцето грее, планините се убави...). Иако АПЛА се гледа дека ни дете постои ни бутур, наш народ почнува да му зборува, да го фали, советува.... Што правиме ние со вакви луѓе?? Утре некој ќе им направи ВИ видео од Исус и ќе ги убеди дека можат да одат по вода. Еден господ нека е на помош.

И државата има апликација

Гледам дека има доста недоумици, ама ко што сфаќам јас, еве за кои работи може, а за кои не може да се користи дигиталната лична карта/возачка дозвола преку m.Uslugi.

Денот на еден пилот

Видео дневник на еден пилот на патнички авион кој треба да однесе „роба“ до Швајцарија. Кај све не отиде, што све не успеа да направи. А ви се жалите дека со вашата работа не ви останува време за ништо. Ние може само да замислуваме што сè овој човек прави кога лета за Патаја.

Лесно е човек да ја засака Македонија и да ги разбере Македонците

Пар рефлексии на познатиот хрватски спортски новинар и поткастер Марко Петрак (5Rak) од посетата на Скопје. 1) Ако сакате да се најадете одлично и евтино, дојдете во Скопје, и ресторантската и фаст фуд храната им се најдобри. 2) Во Скопје сè е живо и работи. 3) За Македонците: Срчани се и најмногу ги мразат Бугарите и Грците. 

Има ли вистина после УСАИД?

Вистиномер повторно храбро се фатија во костец со уште едно од најгорливите прашања на нашето секојдневие: на кој јазик биле напишани Илијада и Одисеја. Не го нашле тие тоа на дебата во МАНУ, конференција на историчари или лингвисти или школски учебник. На Фејсбук (?!) нашле некоја си објава дека биле напишани на македонски па решиле да нè спасат од заблудата (која немаше ни да ја знаеме да не беа тие). 

Вистинската приказна позади песната Џолин

Тазе земени и уште со не толку пари колку што ќе имаат подоцна, сопругот на Доли Партон почнал да зачестува да оди во банка. Ѝ паднало чудно па и таа отишла. Го видела во опуштен разговор со прекрасна, црвенокоса и долгонога службеничка. Рекол пробува да земе кредит. „Не биваше да најдеш некој давач на кредити со влакнести нозе?“ му рекла Доли и му препорачала да се прибира дома дур е време.

Миле Кекин - Марко ногомет

Марко не е Марко а ногомет не е фудбал, но, пораката и тоа како е стварна. Според крајно веродостојни и несомнени истражувања, дури 67,5 проценти од мажите ги кријат своите швалерки во мобилните телефони под контактот „Марко ногомет“. Жените се чини дека се малку покреативни па претпочитаат имиња како „Маја Триатлон“ или „Ивана Денс“. Кекин направи песна баш за тоа.

Со тркалање до Господ

Некој блесав Индиец решил да дојде до својот хиндуистички храм оддалечен пет километри, со тркалање преку душеци кои му ги постилаат 4-5 други луѓе, уште поглупи од него. А зад него озвучено камионче пред кое весели моми со танц го слават тркалањето на овој, кој, додека стигне до храмот, нема да знае кај му е газот а кај му е Вишну.  

Историја на легендарните автобуси Санос

Во Полска сè уште постојат сентименти кон автобусите кои се произведуваа во скопскиот ФАС 11 Октомври. Во тоа време, тие биле најблиското нешто до западна технологија до кое можеле да допрат. Имало и модел на Санос кој требало да се произведува во Полска, но биле склопено само 15 примероци (наоѓаат еден во второто видео). А нашиве има доставиле неверојатни 3.500 автобуси.

Песната која Боуви ја пишувал за Елвис

Објавена е во ноември 1975 година и веднаш стана хит. Боуви ја има пишувано замислувајќи како ја пее Елвис, кого, според биографски податоци, го обожавал. Околу нешто не се нашле нивние екипи па песната ја испеа самиот Боуви. Сето ова се случува пред половина век!

Кучињата лаат, карванот си игра

Одвојте неколку минути за корејаската денс трупа The Stories (оригинал: (더 스토리즈). Секое движење и детал до милиметар им се пресметани и прецизни. Кореограф е Калвин Ким а музиката е џез верзија на класикот Карван. Годинава прогласени се (вторпат) за најдобри на светот на VIBE Dance Competition. Од филмот Whiplash, не сме биле вака (позитивно) напнати.

Спојлер: ЦИА, мајка, ЦИА

Кристофер Гиоја е локален пожарникарски шеф од Њујорк, еден од не баш малкуте луѓе кои не веруваат во приказната за 11 септември која официјално гласи: Си биле два авиона и срушиле три згради. Значи, зошто третата зграда се руши обратно од другите две, зошто фирмата која правела реконструкција на лифтовите ја немало дента, зошто на местото се најдени трагови од експлозив, зошто пожарникарите слушале експлозии...

Си разговарале два Клода

Лудило приказна. Човек наместил два бота на вештачка интелигенција да си прават муабет. Првиот бот викал дека тој е бот а соговорникот човек. Проблем е што и вториот бил убеден во истото, дека другиот е човек. По долго време, сепак сфаќаат кој е кој и кој е што. Но, сфаќаат и нешто друго. Дека мора да има некој човек во близина и дека никој од нив не може да престане да пишува.

Басара: Смрт на деценијата

Како и во случајот со смртта на претходната деценија - онаа на Милошевиќ - беше лансирана алармистичката теорија дека Младиќ всушност бил убиен. Што е најголема бесмислица досега во овој век. Ако колективниот Запад сакаше да го убие Младиќ, можеше да го направи тоа било кој ден во текот на секоја од воените години, со еден наведуван проектил. Но, сите тие години Запад го чуваше Младиќ како вода на дланка и го толерираше, сосе масакрот во Сребреница. Еве зошто.

Со свој изум по своја глава

„На Пакистан не му недостасуваат талентирани и надарени луѓе...“ се меѓу последните зборови на овој дечко од Пакистан кој решил да сними видео за гордо да го презентира неговиот сопствен изум за автобомил со комплетно автономно возење. Како заврши презентацијата? Ќе видите, не можеше полошо.

Кого ќе зезаш, ако не мајка после операција

Старата имала операција на рачниот зглоб. Уште додека е шашардисана од опивката, во посета ѝ доаѓа ќерка ѝ па и кажува дека не можеле да ја нејзината спасат дланка но затоа ѝ ја зашиле нејзината, што не е голем проблем бидејќи и онака е левата. По што ќе милно ќе ја погали со новото, пластично раче. Изразот на лицето на мајката е прајслес.   

Пацерот и државникот

Ако на едниот крај е Бах а на другиот Десингерица, во стилот на политичко владеење, на краевите се Ши Џинпин и Доналд Трамп. Едниот игра шах, другиот е е егоцентричен покераш кому сите му ги гледаат картите ама тој верува дека подобро блефира од другите. Едниот владее тивко и со дисциплина. Другиот со галама и импровизација.

Сонот на секој аздисан балкански политичар

Рампал Џи Махараџ 18 години работел како инженер во државниот оддел за иригација, додека не му текнало да проба поинаку. Се прогласи за потомок на Кабир (мистик и поет од 15 век), луѓе му поверуваа и им стана гуру. Денес патува во климатизирана стаклена просторија, чат-пат ќе ги извади нозете надвор, за да можат овие слепциве да му ги допрат или целиваат. 

Одговор до Умберто Еко и Феѓа Штукан

Алармот на Умберто Еко и Феѓа Штукан дека социјалните мрежи им дадоа незаслужена моќ на имбецилите (Еко) и дигиталните дивјаци (Штукан) веројатно е консензуално прифатлив (особено што никој сам себе не се смета за имбецил и дигитален дивјак). Проблемот е кога ќе се размисли за решение. Филтрирање? Ок, ама кој ќе ги подеси и контролира филтрите?

Вистинскиот газда на Фаличниот пансион

Популарната хумористична серија со монтипајтоновецот Џон Клиз како главен лик и газда на пансионот е инспирирана од вистински хотел и вистински газда кој имал таков табиет. Познавачите на скопската кафанска сцена, тој профил не може а да не ги асоцира на уникатниот и неповторлив Васе Амзо, легендата на Сарај (денес во Ѓорче).

Трамп се прогласи за најголем

Трамп нормализираше многу глупоштини што во некои други времиња ќе нè шокираа. Замислете, на пример, Гордана Силјановска да објави топ листа на досегашни македонски претседатели на која себе ќе се стави како најдобра од сите. Баш тоа го направи Трамп, среде нерешен Ормуски теснец и рекордни цени на гориво. Ако после Трамп не го изберат Мики Маус, нема како „нормално“ да се продолжи оваа линија на лудило.

Феѓа Штукан: Паметните веќе немаат луксуз да молчат

Дојдовме до апсурд паметните да мора да се повлекуваат и да бираат зборови за да не навредат нечија плиткоумност и суета. Дозволивме алгоритмите да станат судии, а толпата што во животот не прочитала три книги да држи предавања за медицина, историја, космос и морал. Дигитални дивјаци, вооружени со тастатури и комплетно отсуство на срам. 

На Трамп со трамповска цевка

„Да коментирам диктатор кој е крал на банкротирањето?“, потпраша гувернерот на Онтарио Даг Форд кого Трамп претходно во свој стил го испонавреди и го нарече лакеј и подлизурко. „Трамп е силеџија, од оние што ги познаваме од школо, што ќе ти ја изедат ужинката и ќе ти ги украдат парите, тоа е последниот чиовек од кој би примал совети“ со иста мерка возврати Канаѓанецот. 

Баталете Марс, Венера му е мајката

Преку глава ми е од Марс. Таа црвена топка прашина го собира целото внимание, сите планови и сите проекти. Дали тоа навистина е последната граница? Толку ли од нас? Доста е од Марс. Треба да испратиме луѓе на Венера. Главниот проблем на Венера е што нема јак ПР како Марс. 

Уморни сме од многу работи во баферинг

Пред цел ден век е забележан и објаснет еден феномен на мозокот,  многу повеќе да ги памти незавршените работи отколку оние што се комплетирани. Незавршените или прекинати задачи, обврски или проблеми остануваат да „работат“ во позадина, зафаќајќи меморија и енергија. Колку повеќе такви се трупаат, толку поуморни се чувствуваме, иако навидум нема од што да сме уморни.

Старост лудост

Доналд Трамп има 80 години. Неговото богатство тежи преку шест милијарди долари. Претседател е на Соединетите Американски Држави. Командант е на најголемата армија на светот и има извршни команди за употреба на нејзиното нуклеарно оружје. Како таков, излезе на прес конференција за да се пофали дека станал број 1 на ТикТок. На Тик факинг Ток! И дека Тејлор Свифт е далеку зад него. Живееме во Зоната на самракот. 

Доминацијата на ЧетГПТ

Иако пазарот на вештачката интелигенција забрзано се шири во сите правци, веб сообраќајот останува во рацета на неколкутемина најголеми. ЧетГПТ доминира меѓу 15-те најдобри алатки за вештачка интелигенција со 53% од вкупниот сообраќај, генерирајќи повеќе посети од следните 14 конкуренти заедно. И покрај нивните огромни дистрибутивни канали, Џеминај и Копилот далеку заостануваат далеку зад ОпенАИ.

Јутјуб го скина Кустурица

Без објаснување зошто, само со сувопарното „ги прекршил условите за користење,“ Јутјуб го избриша каналот „Мој Живот“ на режисерот Емир Кустирица. Го работеше 4 години, имаше 243 видеа и 10 милиони прегледи. Со еден потег сето тоа го снема. „Тие не сакаат некој да не биде во хорот кој ќе ја пее пeсната во која алгоритмите само го одразуваат она што гадовите на врвот го сакаат,“ вика Кустурица. 

Корејско куќа-посо

Сите ние сме „кутрите мали хрчки,“ заглавени во секојдневното верглање кое и се забрзува колку повеќе сакаш да излезеш од лентата. Еден Кореец документирал една година од својот живот со помош на регистрирањето на неговите движења на мапите на Гугл. Хрчак. Чат-пат ќе скршне од вообичаената рута, ама и тоа е по некоја работа. Туга.