- На 97 години почина Јајои Кусама, една од најпрепознатливите и најнеобични уметници на денешницата. Кусама починала на 14 август во болница во Токио, а веста за нејзината смрт беше објавена дури денес. Нејзиниот свет беше составен од точки, мрежи, огледала и бесконечни повторувања – но зад таа ведра, речиси детска визуелност стоеше сложена и често болна лична приказна. Уште од детството доживувала халуцинации, а уметноста за неа станала начин да го претвори она што го гледа и чувствува во нешто со кое може да живее.
- Во 1957 година заминала во Њујорк, каде се пробивала во суровиот и доминантно машки уметнички свет. Таму ги создала своите „Бесконечни мрежи“, перформанси и првите огледални простории. Подоцна, по враќањето во Јапонија, доброволно живеела во психијатриска болница, додека во ателјето во близина продолжила да слика.
- Децении подоцна, уметницата која некогаш била на маргините стана светска суперѕвезда. Нејзините „Бесконечни огледални соби“ ги претворија музеите во лавиринти од светлина и бескрајни одрази, а црвените точки и тиквите станаа нејзин визуелен потпис. Кусама изложуваше во најголемите светски музеи, добиваше престижни признанија и дури создаде сопствен музеј во Токио.
- Здружението „Зборци“ ја организира годинешната „Зборотворба на годината“ манифестација посветена на македонскиот јазик, зборообразувањето, книжевноста и музиката, која ќе се одржи на 12 септември (сабота), со почеток во 19:00 часот, во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Влезот е бесплатен.
- Настанот ќе започне во 19:00 часот со дискусија на тема „Озборување“, чиј модератор ќе биде Виктор Бучковски. Темата поаѓа од идејата дека озборувањето, иако најчесто се разбира негативно, е една од најстарите и најприсутните форми на човечка комуникација и важен дел од начинот на кој преку јазикот градиме блискост, доверба и правила во заедницата.
- По дискусијата следува музичката програма, замислена како спој на различни генерации, жанрови и изрази од македонската сцена. Во 20:15 часот ќе настапи Женскиот младински хор при МКЦ, во 20:45 часот Лидија Кочовска и Јоргуш, во 21:30 часот Вец Вајс Верс, а во 22:00 часот „Животни“. Во 23:00 часот следува заедничкиот настап на Принцес Донатсу и Донплеја со Битолскиот камерен оркестар, додека вечерта во 00:00 часот ќе ја заокружат „Маратонци“.
- За изборот на победничките зборови годинава одлучува жири-комисија составена од луѓе што доаѓаат од различни области. При изборот предност ќе имаат зборотворби што имаат шанса да фатат корен во секојдневниот говор, зборови што можат да понудат домашен еквивалент на постоечки интернационализми, како и креативни решенија во кои звучноста и употребливоста се среќаваат во природна целина.
Да се потсетиме на ланскиот победник - „стивнина“.
- Од 9 до 15 септември, во Отешево ќе се одржи петтото издание на „Зрно“ – фестивалот за алтернативна фотографија, кој повторно ќе собере фотографи од Македонија и од повеќе европски земји. Во текот на работилниците, околу 30 учесници од Германија, Австрија, Унгарија, Словенија, Романија, Хрватска, Турција, Украина, Србија и Македонија ќе работат со различни аналогни и алтернативни техники, ќе разменуваат искуства и ќе учат едни од други.
- Покрај работилниците, петтото издание носи и јавна програма. На 11 септември, во Центарот за култура во Ресен, ќе бидат отворени изложби на Андраш Согор од Будимпешта и Тома Димовски од Скопје, по што ќе следува филмска проекција.
- На 12 септември, програмата продолжува на плажата во Отешево, каде Мартина Пенева ќе одржи DJ-сет „Зајдисонце и нова месечина“. Со работилниците и јавната програма, „Зрно“ и оваа година ги поврзува фотографијата, експериментот, природата и луѓето кои сакаат да создаваат и да размислуваат за фотографијата на поинаков начин.