„Стивнина“ е првиот победник на Зборотворба на годината

Нестанојца (кога ти е убаво и не ти се станува од некаде), мамапод (вредна мајка со осум раце), недостих (нешто неискажливо, дури и во поезија), свирисписок – плејлиста и соклупник (соученикот со кого си седел во иста клупа). Ова се само неколку од над 400-те предлози кои пристигнаа на повикот за првиот нов збор во македонскиот, организиран од „Зборци“. Оној победничкиот повикува на стишување, подзабавување, за да може низ тоа спокојство да се стигне барем малку поблиску до вистината. 

На 13.09. во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ се одржа првата манифестација „Зборотворба на годината“ - финале на конкурсот за Зборотворба на годината, на кој преку социјалните мрежи беа пријавени над 400 нови зборови во македонскиот. 

Замена за веќе етаблираните англиски термини, сосема нови зборови кои означуваат нешта кои се тешки за опишување со постоечките или просто игри со јазикот и идеите, ова се зборови кои еден ден можат да се најдат и во официјалниот речник на македонскиот јазик или, уште поважно, да се користат во секојдневниот живот, во медиумите, поезијата и уметноста.

Meѓу нив беа: нестанојца (кога ти е убаво и не ти се станува од некаде), мамапод (вредна мајка со осум раце), недостих (нешто неискажливо, дури и во поезија), свирисписок – плејлиста или соклупник (соученикот со кого си седел во иста клупа).

Организаторите, „Зборци“, се неформално здружение на млади луѓе кои се надоврзуваат на постара иницијатива (види претходен Манифест тука), која во времето кога беше создадена не фати корен. Но нејзините никулци еве сега даваат плод, точно онака како што беше замислено. 

Направивме муабет со Виктор Бучковски и Игор Антов, кои заедно со цел тим помагатели се моторот зад идејата. 

Што беше целта на Зборотворба бр. 1, како течеше процесот? Дали идејата наиде на интерес и дали пријавените ја разбраа?

Основната цел на Зборотворбата беше да се испочитува аманетот на првата генерација Зборци. Како и секој пат кон целта, така и нашиот, одејќи кон основната, нè водеше низ интересни кривини, раскрсници, семафори и зебри, кои нè инспирираа и ни носеа по некој патник плус на нашето зборотворско патување. Втората цел беше да ги стимулираме луѓето да зборообразуваат, третата, да направиме една роденденска приредба за македонскиот јазик, а покрај тоа и да покажеме дека јазикот е најжив кога сите заедн си играме и твориме. 

Што се однесува до процесот, организирањето и подготвуањето веројатно беше една од најубавите работи кои ни се имаат случено во животите на сите Зборци. Многу беше убаво тоа што нашиот тим ги правеше буквално сите работи, од чистење на дворот за местото да заличи на место вредно за славење на македонскиот збор, до состаноци со спонзори, снимање, глумење и монтирање на видеа, дизајнирање, лепење и смислување на постер, договарање на бендови, гаснење на оган лево и десно и многу многу мнооогу смеење. Научивме многу и најважно од се, целиот процес го водевме со многу љубов и меѓусебна почит.

Дефинитивно идејата наиде на интерес, добивме повеќе од 400 предлози кои беа испратени од над 300 кандидати, бројките се вакви поради тоа што немаше ограничување на тоа колку зборови може еден кандидат да испрати. Искрено веруваме дека ја разбраа, особено ме радува тоа што испраќањето на зборови продолжува и понатаму, иако настанот е веќе 2 недели завршен. 

Кој ги бираше најдобрите зборови и дали тие можеа лесно да се согласат? Кои беа принципите до кои се држеа и што би можело да се примени како искуство за следниот избор?

Жирито се состоеше од: 

● Татјана Ефтимовска – лекторка и професорка по македонски јазик во гимназијата
НОВА;
● Илина Јакимовска – професорка на Институтот за етнологија и антропологија и уредничка на Букбокс;
● Андријана Павлова – истражувачка во Институтот за македонски јазик;
● Бранислав Николов (Фолтин) – музичар, писател и поет;
● Андреј Медиќ Лазаревски – поет и претставник на „Култура Бета“;
● Игор Антов и Виктор Бучковски – претставници на Зборци.

На почетокот немавме утврдено сериозни правила, но поради умноста и искуството на жирито, сепак изборот беше успешен. Тоа што дефинитивно треба да го промениме наредна година е големината на жирито, сметаме дека бројот 7 е преголем и може да го изложи процесот на компликации. Ќе бидат подобрени и критериумите за избор на самиот збор, кој секако повторно ќе треба да биде нов. 

Како помина вечерта на прогласување на наградите? 

Настанот започна со дискусија „Македонскиот јазик: минато, сегашност и иднина“ на која учествуваа Ѓорѓи Јолевски од Македонскиот народен театар, Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература и Александра Гецовска од Институтот за македонски јазик. Дискусијата беше навистина прекрасна и инспративна. Таа ќе биде објавена во целост на јутуб каналот на Зборци. Следуваше музичка програма со Мојра, С.А.М., КЕМ и Доуп куќата.

Помеѓу музичките настапи беа доделени третата награда за „екранка“ (замена за скриншот - брза дигитална слика од мобилен или компјутер) и втората за „каспероса“ (ненадеен прекин на онлајн комуникација - наместо англиското гоустинг). Наградата за прво место му беше доделена на Петар Стојановски – Пеце од Битола, кој за жал не беше присутен на настанот. Тој го има веќе применето новиот збор во своја песна во збирка издадена 2024, под истиот наслов, СТИВНИНА: „Во тагата напипај го она, што можеш да го извлечеш од неа. Возкрили го, нека полета. Тоа е она што се нарекува вистина....“.

Сите наградени добија подарок, трето место маичка и стикери, второ место 50 евра, а прво место 100 евра. 

Имавте ли вие некои фаворити кои можеби не влегоа во најтесниот избор?

Наш убедливо најголем фаворит беше „допиток“.

Зборотворба е само дел од активностите на Зборци. Кои други беа спроведени до сега?

На неделно ниво објавуваме зборови сега по ново започнавме и со објави на архаизми. Започнавме серијал дијалекТИ, тоа продолжува од ноември. Сакаме да оставариме соработка со неколку институции, мин. За култура, за образование и националниот архив. Нашата најголема желба е да организираме караван низ Македонија, вистинско патување по градови и села, со настани, свирки, дискусии и јавни разговори. Замислата е зборотворбата да излезе од интернет и од Скопје и да се сретне со луѓето таму каде што јазикот е најжив – на плоштадите, во училиштата, во локалните културни домови, па и во кафулињата. Сакаме луѓето да видат дека зборовите не се нешто апстрактно и далечно, туку секојдневна алатка преку која можат да се изразат, да се забавуваат и да создадат нешто ново.

Зашто јазикот е најсилен кога живее меѓу луѓето, кога се кажува, кога се слуша и кога постојано се менува заедно со нас.

3 октомври 2025 - 10:10