Во чест на Огнен Чемерски

Манифестот кој треба(ше) да се случи

Декември 2013. Четворица ентузијасти се собираат во „Цреша“ и го формираат јадрото на замислената внатрешно-револуционерна јазичка организација „Зборци“, чија цел е вбризгување свежина во употребата на македонскиот јазик и борба против замислените грама-наци величини. 

Голем број други идеи завршиле по испивањето неколку пива и ветување за следна средба. Оваа на Огнен, Румена, Татјана и Илина отиде чекор понатаму - беше составен Манифест кој ги содржи основните начела на организацијата, како и неколку предлог-активности.

Наскоро се наметнаа многу поважни теми: протести, пленуми, импакт фактори, рокови за преводи и лектури, секојдневни трки. Уште не можеме да се свестиме како, но дојде 2017, и ден на кој најблиските се простуваат од Огнен, витез на зборот, вистинскиот Зборец. Го пренесуваме Манифестот онака како што останал во ворд фајл-от, како инспирација за оние кои можеби би се нафатиле на идејата, и понатаму би ја развиле. За нив само еден аманет - наградата којашто требаше да се доделува да го носи името на сер Огнен.

МАНИФЕСТ НА ЗБОРЦИТЕ

Браќа и сестри јазикозналци и мили останати!

„Ние, вашите вечни афтори, преведувачи, лектори, професори, а богами и понекој критичар от хубавото јазикословие и неговите китни села, без разлика на пол, род, нето-хонорар или убедувања, не можејќи веќе да ја трпиме тиранијата на сувопарните, досадни, мрзливи и никогаш во чекор со живиот јазик речници, шчо гледаат нашиот јазик да го дотераат до питачки стап и нашата мила и богата книжевност да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафме глава и решифме со перо, а богами и со тастатура в рака от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода....“

Ние сме Зборци. Се собравме затоа што сме загрижени за свежината на јазикот, која баш и не е толку свежа и веќе по малку почнала да се збајатува и позеленува. Се собравме зашто се сметаме за доволно храбри, инвентивни и вредни да создаваме нови зборови во духот на македонскиот јазик. Поточно, се сметаме за способни да го воскреснеме речничкото начело на Комисијата за азбука и правопис од 1945, кое вели:

„Во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки и само колку што е потребно, да се усвојуваат и туѓи заемки.“

Ова начело почна да се подзаборава. Дијалектите ги занемаривме во збогатувањето на стандардниот зборовен фонд, нови зборови со живи наставки одвај дека се создаваат. Единствено, рака на срце, туѓи заемки се отепавме од усвојување.

За што се залагаме?

• За создавање нови зборови, за измислување, преведување и ковање форми во духот на македонскиот јазик (а може и во духот на Аладиновата ламба);

• За бескрајна храброст во таквите потфати, како противтежа на сите оние застарени, тенденциозни и угнетувачки вперувања прст во Толковниот на Конески, демек само тој е валиден, како божем и самиот Блаже да сакал јазикот да ни застане таму некаде ’66!

• За предложување контексти за предложените зборови, за нивно заживување во каков било авторски текст, обид за текст или секојдневна употреба;

Како ќе функционираме?

Зборци е неформално здружение кое е отворено за секој добронамерен и јазички креативен ум, без оглед на неговата основна професија. Активностите ќе се одвиваат преку:

- Организирање годишен конкурс за избор за Најкреативен збор на годината и доделување на наградата на денот на светецот-заштитник на Зборците, св. Првозборец (името дали е ок?, датум?);

- Фејсбук страница на која ќе се постираат примери на добра, лоша или катастрофална примена на македонскиот јазик, и истовремено ќе се генерираат конструктивни, свежи и игриви јазични решенија;

- Објавување дела создадени врз основа на новопромовираните зборови од домашни автори во форма на е-книга;

- Вршење суптилен, но решителен притисок врз одговорните институции, ригидните лектори и не помалку јазички инхибираните преведувачи, новинари и други активни зборопроизводители за прифаќање на нашите начела, и нивно спроведување во пракса

..... (други идеи?)

И најпосле,

Нека св. Првозборец ја благослојт светата борба за јазикот и писмото!

Нека сет живи борците за слободата во јазикот и сите чесни и добри (не-)македонски синој и ќерки! Ура! За Афтономна Јазична Македонија!

Држете нè за збор“

Основачи:

Татјана Б. Ефтимоска
Румена Бужаровска
Огнен Чемерски
Илина Јакимовска

27 август 2017 - 12:07