„Мрачниот среден век“ - овие три збора се толку врзани еден за друг, што замената на првиот со „светлиот“ би звучело во најмала рака необично, дури и пародично. Затоа што придавката со којашто се опишува периодот од падот на Западното римско царство во 476-та до почетокот на 16 век, во нашата свест формирана од образованието, медиумите и уметноста, засекогаш е прогласен за брутален и крвав.
Всушност, станува збор за ера каде системите на владеење постојано се менувале, а културите кои доаѓале во меѓусебен контакт најчесто преку војни се протегале низ цела Европа, преку Блискиот исток до степите на Азија. Ваквата шареноликост на контексти тешко се преточува во учебници, а сложеноста на околностите не се податни како извор на материјал за епско-фантастични романи, филмови и серии, кои бараат многу по црно-бел наратив.
А на тој наратив му е потребно средниот век да биде грозен, да го објасни и оправда воспоставувањето на империи изградени врз ропство во вековите кои ќе следат, да ја прикаже религијата како непријател на науката, за да може да ја објасни и денешната тензија помеѓу двете. Средовековна Европа притоа мора да биде целосно изолирана од остатокот на светот, бидејќи инаку нашите фантазии за бел етнонационализам не би биле втемелени во историјата. Митовите за средовековниот период - илјада години во кои наводно ништо не пркнало, не се развило, немало задоволство ниту уметност (?!) - постојат за ние денес да се чувствуваме подобро.
Ова е став на двајца историчари, Дејвид М. Пери и Метју Габриел, кои во нивната најнова книга „Светлото доба: нова историја на средовековна Европа“ се обидуваат да разнишаат некои од стереотипите. Делото е опишано како амбициозно. Почнува во Равена, го посетува Ерусалим, се сели со викинзите низ Европа во Америките, истражува промени во културата и религијата на Пиринејскиот полуостров, пристигнува во дворецот на монголскиот Менге Кан, го следи пристигнувањето на чумата во Сиена и повторно се враќа во Равена преку Фиренца, следејќи го егзилот на Данте и неговиот погреб. Резултатот е преглед на средовековна Евроазија низ еден цел милениум.
Но фокусот е на необично место - на убавината и светлината, декорираните ѕидови со живописни фрески, сјајните облеки, викиншкиот накит, големите библиотеки. И самиот стил е „светол“ - односно лесен, иако станува збор за сериозно историско проучување. Авторите успеале да внесат дури и хумор, како во сцената каде францисканските монаси стојат во сандали среде снег пред Канот и неговата сјајна свита, која им се чуди на паметот. Убава промена на дискурсот за средниот век.