Вака вели Ендрју Саливан, британски писател, еден од пионерите на жанрот на политичкиот блог и поранешен уредник на списанието New Republic. Во неговата книга од 1998, „Скриена љубов: белешки за пријателството, сексот и опстанокот", тој тврди дека едно длабоко пријателство е не само различен, туку и далеку поголем животен подарок отколку една романтична врска.
Тој смета дека пријателството го нема добиено заслуженото внимание како „критична општествена институција, како облагородувачко морално искуство, како многу деликатен, но суштински сооднос на доблести кои се потребни за одржување на едно целосно реализирано човечко постоење". Но сепак се согласува дека ваквиот културолошки молк отсликува една инхеретна вистина во врска со природата на ваквиот однос:
„Можете да процените колку е силно некое пријателство преку тишината кое го опкружува. Љубовниците и брачните партнери можат често да зборуваат за нивната „врска", но пријателите оставаат нивниот однос да зборува самиот за себе, или пак другите да зборуваат за него".
Саливан во истражувањето на феноменот на пријателството често се повикува на Аристотел, за кого постојат три квалитета кои го дефинираат: реципроцитетноста, рамноправноста и физичкото споделување на животот.
„За разлика од другите видови врски, пријателството бара согласност од двете страни дека учествуваат во него, инаку тоа престанува да постои. Можеме да му се восхитуваме некому кој е сосема несвесен за нашиот восхит, а сепак интегритетот на тој восхит да не биде загубен; може роднински да сте поврзани со некоја вујна која никогаш не сте ја сретнале. И секако, можете да се заљубите во некого без тој или таа да се свесни за тоа или да ви ја возвраќаат љубовта. И во сите овие случаи врските се уште се она што се, без оглед на ставот на другата страна во нив. Но пријателството е различно, тоа бара заедничко самопотврдување и волја за постоење на врската. Тоа бара две компетентни и ентузијастички настроени личности кои сакаат да бидат пријатели. Не можеш да му наметнеш пријателство некому - ако не е возвратено тоа едноставно не постои, или никогаш не ни постоело".
Пријателството е истовремено најрамноправен однос помеѓу двајца или повеќе луѓе, затоа што дури и во ситуација кога еден од нив има повеќе пари или социјална моќ тие се еднакви во својот капацитет за пријателство. Оттаму, пријателството е симбол на човечката автономија, и најсоодветен пример на таа автономија применета во пракса. Во таа смисла, нејзинот најголем непријател е - чудно, но вистинито - токму љубовта. Таканаречената „романтична љубов“ која, согласно модерното значење на овој збор, ги засенува сите други човечки односи, која се консумира преку секс и е славена во секое ќоше на нашата популарна култура, љубовта која се институционализира со брак и е прогласена за примарно и ултимативно добро, и како таква му се сервира на секое западно дете.
Но ако љубовта доаѓа одеднаш, и исто така може и да замине, пријателството е стабилно. Никој не се „запријателува" во смисла на „заљубување". И додека љубовта обично е најинтензивна додека таа не се исконсумира за потоа да спласне, пријателството може да биде целосно искусено само кога пријателите се сосема навикнати еден на друг. Затоа што тоа се базира на знаење, а љубовта на надеж. Можете да сакате некого повеќе од тоа што го познавате, и тој може да биде сакан без да биде познаван. Но колку што повеќе познавате некој пријател, толку тој ви станува поблизок.
„Услов за пријателство е предавање на моќта, односно откажување од доминација над другиот. Во пријателство влегувате не заради потреба, туку заради избор. Секако, ова си има своја цена - пријателите никогаш нема да ви го дадат она што можат љубовниците: она безбедно место, пристаништето каде можете да се опуштите на креветските чаршафи. Но тие нудат нешто подоверливо, и секако помалку болно. Тие нудат искреност која не е извор на болка, и критицизам кој не значи отфрлање. Тие не ја нудат безбедноста на матката, туку авантурата на светот. Тие не ви ја укинуваат осаменоста, но сепак ја олеснуваат."
Накратко - пријателите се оние луѓе со кои го минуваме животот. A тоа е најскапоценото време кое го имаме.
Rolling Stones - Waiting On a Friend