До сега веројатно ви е позната опседнатоста на Букбокс со чајот - таа благородна билка од родот камелии - и течноста добиена со нејзино потопување во вода. Можеби сте биле присутни и на Букбокс чајанките во Винил. Домашната збирка постојано расте и се збогатува, и веќе сериозно се заканува територијално да се прошири и вон кујната. И за сето тоа време не ни паднало на памет - зошто има само две варијанти да кажеш „чај“ на речиси сите светски јазици?
Како што покажува долната мапа, зборовите кои звучат како „ча“ се ширеле преку копно, долж Патот на свилата. Оние кои повеќе звучеле како „ти“ патувале по вода, преку холандските трговци кои ги пренеле чајните листови во Европа.
Терминот „ча“ е „синитски“, што значи дека е заеднички за голем број верзии на кинески. Тој тргнал од Кина и си го нашол патот низ централна Азија, станувајќи „чај“ (چای) во персискиот. Ова не е изненадувачки, доколку се знае за трговските рути кои воделе долж Патот на свилата, каде со чај се тргувало над 2000 години. Оваа форма станала chay на урду, shay во арапскиот, и чај во рускиот. Била пренесена дури и до суб-сахарска Африка, каде станала chai на свахили. Јапонските и корејските термини за чај се базирани на истото кинеско „ча“.
Но приказната за „tea" е поинаква. Кинескиот идеограм за чај, 茶, се изговара различно во различни вариетети на кинескиот, иако во сите нив се пишува исто. Во денешниот мандарински е chá. Но во кинескиот кој се зборува во крајбрежниот регион на Фуџијан, истиот идеограм се изговара „те“. А „крајбрежен“ е клучниот збор.
Токму од тука, преку вода, чајот сосе зборот се прошириле до Европа, преку Холанѓаните, кои станале главни трговци со чај пред Европа и Азија во 17 век. Главните холандски пристаништа во источна Азија биле Фуџијан и Тајван, обете места каде чај се изговарало „те“. Холандската источно-индиска компанија, преку увозот на чај во Европа, го дала француското thé, германското Tee, и англиското tea.
Сепак, Холанѓаните не биле први кои пристигнале и тргувале во Азија. Честа им припаѓа на Португалците, кои му го дале колонијалното име на Тајван - Формоза. Но Португалците тргувале не преку Фуџијан, туку преку Макао, каде се користи „ча“. „Чај“ и кај нас е дојдено токму преку нив, иако погрешно се користи и за „чај“ од липа, коприва, камилица (напитоци кои не ја содржат билката чај).
Само мал број јазици имаат сопствени термини за чај, кои се разликуваат од претходните доминантни два збора. Тоа се култури во кои чајот расте природно, каде тој немало потреба да се увезува, и каде оттаму е развиен независен термин за него, како бурманскиот lakphak.
Горната мапа прикажува две различни ери на глобализација: милениумски долгото ширење на стоки и идеи западно од древна Кина, и 400-годишното влијание на азиската култура врз морепловните Европејци во добата на големите откритија. При што нешто се откривало, друго се пренесувало, трето се мешало, а четврто...се пиело.
Претходно: Букбокс читанка, „Вкус на чај“ од Брајан Гловер