Да се зборува за пиењето како за чин на хедонизам, а притоа да се мисли на пиење чај, за многумина е неразбирливо. Чај се пие, нели, кога си болен - од мајчина душица, нане или од камилица - и тоа нема никаква врска со уживањето. Турско чајче е „дозволено" да се пие во чаршија, бидејќи и што друго би пиел во чајџилница? Ама да негуваш култ кон порцелански шољички со ѕидови тенки како хартија, да имаш дома десет чајници само затоа што се убави а притоа користиш само два, колекцијата чаеви да ти вклучува такви кои се викаат „За љубовници",„Џез тајм" или „Елеганција", и да се купени или добиени на подарок од Непал до Швајцарија, да ги кинеш филтер ќесичките пред употреба за да провериш што има внатре (да не ти продаваат случајно чајна „прашина" наместо чај), и најмногу од сè, да ја користиш секоја прилика за на луѓето да им објасниш дека чај е всушност билка од родот Камелии, и дека „чај од липа" всушност не е чај, е тогаш со право во пописната графа „религиска припадност" можеш да се пишеш како – чаjист.
„Чаjизмот (Teaism) е обред втемелен на почитување на она што е убаво меѓу нечистотијата на секојдневниот живот. Тој е хигиена затоа што наметнува чистота, економија затоа што покажува повеќе уживање во едноставното отколку во сложеното и скапото, тој е морална геометрија бидејќи ја дефинира нашата смисла за размена со вселената. Тој е, во суштина, почитување на Несовршеното, и скромен обид да се постигне нешто што е можно, во оваа неозможна појава која ја нарекуваме живот" – вели Какузо Окакура во неговата позната „Книга за чајот". Книгата пак која денес ја претставуваме – „Вкус на чај" од Брајан Гловер - се надоврзува на оваа традиција на чајољубство. Преку концизен текст и прекрасни фотографии таа се обидува да го промовира чајот, но и да образува, претставувајќи ја неговата историја и различните традиции поврзани со неговата подготовка, симболика и обредност.
Една од легендите за настанокот на чајот него ја поврзува со првиот патријарх на кинескиот зен-будизам - Бодидарма. Дарма бил богат и разгален индијски принц кој ги вкусил сите можни задоволства. Но во еден момент одлучувајќи да се посвети на духовното, тој станува патувачки монах, оддаден исклучиво на молитва и медитација, и ден и ноќ. Долго време се придржувал до оваа одлука, без да се одмори, но дури и телото на истрајните испосници понекогаш попушта - на крај Дарма заспал. Откако сфатил што се случило се самоказнил: со нож ги исекол очните капаци и ги закопал во земја. После некое време од земјата никнал жбун - Дарма ги пробал листовите и ја открил магијската причест која на очите им овозможува да останат отворени.
Бел, зелен, црн, црвен ројбос, зачинет со бадем, каранфилче, цимет, ѓумбир и цветни листови, со арома на овошје, со шеќер, мед или незасладен, во „раку" (шољичка без рачки) или во омилената со смешен натпис, во филтер или „слободен"...чајот те тера да го пиеш бавно, да се забавиш, и да се одмориш.
Водата врие, мора да одам...
Прилог: Познатиот есеј на (Британецот) Џорџ Орвел за чајот, и неговите 11 златни правила.