Звукот на брановите нежно се тркалаат во плиткото. Траги од апостолки во песокот. Мирис на лаванда и морска сол. Џагор на капачите што од макро-перспектива звучи како зуење на инсекти во кошница. Сето ова се сетилни дразби кои ги предизвикува плажата, околина која со милениуми ги привлекувала луѓето. Сепак, иако повиците на галебите останале постојани, нашата врска со плажата е флуидна, како лизгавите контури на осеката.
Нова книга „Привлечноста на плажата“ на Роберт Ричи е хроника на човечката историја која се одвивала на океанските и морските брегови. Таа нè носи од приморските палати на римската елита, до модерните хотелски комплекси изградени крај вода. Плажите имаат посебни материјални и социјални економии, преку кои може да се следи и промената на начинот на живот на оние кои живееле или доаѓале на нив, технологијата на транспортот и развојот на модата (од нудизмот до строгото викторијанство и назад). Прегледот е глобален затоа што се следи географското ширење на модерното „плажирање“ од Англија, Франција, преку Медитеранот, па до Америка и низ останатиот свет.
Она што го овозможило развојот на крајбрежните градови и туризмот е секако транспортот. Железницата помогнала и оние со просечни примања од блиските градови да прават дневни шеми, враќајќи се за спиење дома. Сепак, не сите крајбрежја биле демократски настроени кон своите посетители. Во текот на борбата за граѓански права, американскиот Конгрес изгласал закон за Национални плажи со кој се ограничувал пристапот на одредени категории, особено за црното население. Врховниот суд на крај пресудил во корист на јавниот и слободен пристап.
Авторот Ричи е роден во Шкотска, но пораснал во јужна Калифорнија, на плажи, опколен со сурфери, бикини и култура која се вртела околу океанот и уживањето во водата. За пишувањето на оваа книга поминал цела деценија во истражување на културата на плажите низ историјата. Така открил дека во римската армија имало и помалку познати пливачки одреди, или дека пливањето за здравје и рекреација започнало дури во 19 век. Иако најпрвин се подразбирало дека пливачот требало да биде гол, популарноста на одењето на плажа ги заострило социјалните правила. Мажите и жените биле лоцирани или на различни плажи, или се капеле во различни времиња на денот. Постарите машки костими за капење ги криеле и брадавиците и папоците на мажите, додека пак жените биле покриени од вратот до зглобовите на нозете. Во 1909 една австралиската пливачка Анет Келерман го прекршила овој локален обичај кога се појавила само во целосен костим за капење сличен на оние денешните, и била уапсена. Дури во 1920 на жените им било дозволено да се натпреваруваат во Олимписко пливање, откако било напуштено правилото костимите за капење воопшто да не ги откриваат нозете, туку да се некој вид фустани.
Како што климатските промени и зголемените нивоа на морињата ги нарушуваат познатите ликови на бреговите, потребно е да ја разгледаме нашата врска и, уште поважно нашите одговорности во однос на нив, вели авторот. „Привлечноста на плажата“ покажува дека без оглед на тоа дали станува збор за туристичка дестинација или за место каде се одвива секојдневен стопански и социјален живот, историјата на плажата е дел од човечката историја, и заслужува да биде разгледувана токму сега, повеќе од кога и да е.