„Умна краткост: моќта на кажувањето повеќе со помалку“ е нова книга од тројца автори кои се ко-создавачи на два познати политички сајта, Аксиос и Политико. Во неа тие се обидуваат да го преточат реторичкиот стил кои го застапуваат во својата секојдневна работа во прирачник за генерално пишување - таков кој е краток, кој бргу поентира и го „кастри“ салото од академски и лични комуникации, од корпоративни и други документи, но и од медиумски написи. Книгата се залага за реченици не подолги од шест зборови и за декларативни изјави кои не оставаат простор за двосмисленост.
Звучи како добар совет имајќи предвид колку хартија оди на обемни објаснувања, извештаи и академски дрн-дрн за нешто што може да се објасни позгуснато со помалку зборови, па дури и со пар слики. Но што се случува кога даваме приоритет на штедењето време наспроти сите други елементи?
Некој пресметал дека ги проверуваме телефоните дури 344 пати дневно, секои четири минути. Да се одржи вниманието на читателот е потешко од кога и да е (што би рекол еден наш во коментар на ФБ, откако веројатно малку се измачил нешто да прочита, „многу тешки текстови пишувате“). Наместо да се настапи контра овој тренд на одземено внимание, авторите на „Умна краткост“ го прифаќаат како нешто што е непроменливо, дадено еднаш засекогаш и оттаму ја градат целата теорија дека секое денешно пишување мора да биде зипувано, набиено со информации, како куфер врз кој мораш да седнеш за да го затвори и дизајниран така за да боде очи. Со таквиот став на „ако не можеш да ги победиш, придружи им се“, тие индиректно промовираат натпревар со ТикТок и Твитер.
Но не е само до формата односно до краткоста, и содржината треба да вклучува само нова и изненадувачка содржина - сето останато оди фира. „Разговарајте со некој друг за поентата што сакате да ја направите. Потоа запишете го резултатот. Тоа е она едно нешто што сакате читателот, гледачот или слушателот да го запомни“ - се вели во книгата. И ова е во ред, но маргинализира каква и да е длабочина и анализа на соопштеното, кое останува на ниво на проста вест или заклучок без аргументација. Ефикасниот избор на она што е највитално притоа останува на пишувачот, кој „кастрејќи“ информации кои се навидум неупотребливи или небитни можеби несакајќи прескокнува или брише дел од приказната кој на читателот би му отворил некој друг хоризонт, и можност за формирање свое мислење. Вака, наместо шведска маса, нему му се нуди оброк од точно определени, максимум шест артикли (зборови). Од кои тој треба да се најаде.
Во 1985, италијанскиот писател Итало Калвино во свој есеј го цитира Џакомо Леопарди, кој во 1821 напишал: „Брзината и концизноста на стилот ни прават пријатно чувство бидејќи тие на умот му нудат бура од идеи кои се симултани или кои следат една по друга со толкава брзина што изгледаат истовремени. Тие со таквото изобилие на мисли или слики или духовни чувства го поттикнуваат умот на начин на кој тој не може да ги восприеми сите одеднаш и во целост, или нема време да биде во мирување и празен од чувства.“
На ова Калвино додава: „Менталната брзина е вредна самата по себе за оној кој е чувствителен на неа, а не за практичната употреба која може да ја има. Брзо расудување не е нужно подобро од долгорочното. Тоа само комуницира нешто посебно, кое произлегло едноставно од неговата краткост“. Оттаму клучното недоразбирање е дека тоа не е поумно, само нуди друг тип на задоволство, за оној кој тоа го сака кратко.