Музиката што ни се допаѓа ни создава чувство на „тоа е тоа“, кое е тешко да се опише, особено ако треба да се посочат конкретни елементи кои го поттикнуваат. Точно ова се обидува да го стори нова книга на најуспешната музичка продуцентка на сите времиња, а сега и конгитивен психолог, Сузан Роџерс, напишана во ко-авторство со невронаучникот Оги Огас. Нејзиниот наслов е „Така звучи: што кажува за вас музиката што ја сакате?“ (This Is What It Sounds Like), што е всушност стих од песна на Принс, на чиј албум Purple Rain Роџерс работела како главен аудио инженер.
Aвторите тврдат дека повеќето луѓе имаат еклектичен вкус, и на прашањето „што музика слушаш?“ најчесто одговараат не со еден туку со повеќе жанрови. Ова е нормално, бидејќи на нашите мозоци им се потребни различни типови аудио дразби. Како што имаме различен апетит за храна, така имаме и различни апетити за музика - некогаш сакаме помрсно, друг пат слатко. Сепак, секој од нас има посебен соничен профил кој може да се детектира врз основа на седум клучни прашања поврзани со која и да е песна. На пример, дали сте некој кој повеќе слуша стихови или мелодија? Дали сакате музика за „над вратот“ (интелектуално стимулирачка) или за „под вратот“ (инстинктивна и ритмична)? Дали се навраќате на познати песни или постојано барате нови музички предизвици итн.
Без оглед на видот, музиката што ни се допаѓа поттикнува ослободување на хемиски супстанци на задоволство кои прават аудитивниот кортекст да стане сè подобар и побрз во препознавањето на нештата што генерираат допамински „кик“ кај новите песни, или да се навраќа на старите и познати мелодии. Секако, вкусот е резултат и на културолошки влијанија на музиката која доминира во непосредната околина, па дури и на „музичките“ карактеристики на јазикот кој го зборуваме како мајчин и на чија мелодичност и ритам сме навикнати.
Дека слушањето нечија музика може да открие многу за него како човек таа го дознала на тн. „рекорд пулс“ - забави на кои група пријатели или колеги се собираат и пуштаат музика едни за други. Притоа, има две правила: мора да одберете песни за кои сте интимно приврзани. Второ, песните треба да бидат помалку познати, не некогашни или актуелни хитови - нешто што другите најверојатно не го слушнале. Добар предлог за зимските денови што доаѓаат.