Допирањето на сопственото лице, главно во моменти на криза, тага, чудење, вознемиреност но и проста досада е неодминлив факт на човечкото постоење. Во Природно-научниот музеј на Универзитетот во Мичиген има скулптура - реконструција на еден од нашите предци, Австралопитекус седиба, кој живеел на земјата пред 2 милиони години. Тој е прикажан (слика горе) како со прстот си го допира увото.
Сега, со ширењето на коронавирусот, човештвото се соочува со криза на лицедопирањето. Заедно со вирусот се шири и збунетоста и стравот, но она што е сигурно е дека една од мерките на заштита е миењето раце и нивното држење подалеку од лицето.
Според одредени студии, бројот на допирања на лицето се движи од 15-23 пати на час. Ова се случува и покрај тоа што доброто воспитување подразбира нечепкање по ушите, носот или устата во јавност, да не зборуваме за пукање бубуљици или вадење заглавена храна од заб со прст. Но има и причина зошто ова би морало да се регулира преку механизмите на културата - затоа што чисто физички, импулсот тоа да се стори е пресилен.
Текст во Вашингтон пост минатата недела понуди примери на политичари кои си ги лижат прстите или си ја поместуваат косата само неколку секунди откако ги предупредуваат Американците да се воздржат од вакви однесувања. Тоа е едноставно посилно од каква и да е разумна одлука.
Историјата на уметноста и книжевноста се полни со примери на допирање на лицето. Кога Адам и Ева се протерани од рајот, Адам си ги покрива очите од срам (слика на Рафаел, горе). Кога Ромео ја гледа Јулија на балконот, која „си го потпира образот на раката“. Роденовиот „Мислител“ (долу), „Крикот“ на Мунк, крикот на Меколи Калкин во „Сам дома“, сите оние помпезни портрети на великодостојници кои позираат со главата потпрена на раката. Со „лицедопири“ се полни и емотиконите 🤦, гифовите, како и невералната гестикулација. Како би изгледал животот воопшто доколку би постоела строга сегрегација на рацете и лицето? Тоа е прашање кое прави да си го ставиш прстот на чело и да речеш „хмм...“.
Истражувачите на мозокот нудат можно објаснување за ваквите спонтани самодопири на лицето, кои според нив ги регулираат емоциите и помагаат во процесирањето информации и поттикнување на меморијата. Понекогаш едноставно е утешно да се самодопреш, да се измасираш за да си ги смириш нервите. А кога ситуацијата е напната како оваа сега, потребата за утеха е уште поголема.