Од 1913-1945, цели триесет и две години, Линд секоја недела пишувал колумна во списанието Њу Стејтсмен, која од страна на неговите современици е опишувана како „незаменлива“. Еден од есеите кој е најчесто спомнуван, „Задоволствата на незнаењето“ (The Pleasures of Ignorance) е посветен на игнорантноста на модерниот човек во споредба со неговите предци, особено кога станува збор за знаења поврзани со природата.
Ова во времето кога е напишано било сосема спротивно на доминантиот став, дека човештвото бележи постојан напредок, и дека неговите колективни знаења постојано се шират. Но според Линд, човек кој не знае да направи разлика помеѓу песна на една птица и друга, без оглед колку е упатен во најновите научни или технолошки откритија, е едноставно - незнајко.
Но токму од ова незнаење модерниот човек го црпи и својот восхит од „чудесното“ - да видиш пред тебе некое шумско животно за кое си слушал само во приказните, а кое за некој кој живее во планина е сосема нормална глетка, е момент на откритие. Непознавањето на нашата природна околина ни остава нови светови за освојување. Можеби сме стигнале до дното на бунарот на книшкото знаење, но што е со она што сме го виделе со свои очи, и што лично сме го доживеале?
Ова не важи само за волци или птици, туку за сè од сонцето и месечината, до имиња на некои цвеќиња. И важи и за најмудрите меѓу нас. Монтењ, на пример, имал толку лоша меморија, што секогаш можел да чита некоја книга што веќе ја имал прочитано како да му е прв пат. Камо да може така и со светот, него секогаш да го доживуваме, како невин и нов, како да сме токму тогаш родени. Крајната сигурност и знаење за што и да е се граничи со догма, а догмата не дозволува поставување прашања, па оттаму ни наоѓање задоволство во одговорите.
Линд им завидува на оние кои на постари години почнуваат да учат нешто сосема ново, како реформаторот на Оксфрод, Бенџамин Џовет, теолог и преведувач на Платон и Тукидит, кој на шеесет години почнал да студира физиологија.
„Повеќето од нас го имаат загубено чувството на незнаење многу порано од таа возраст. Дури сме и суетни во врска со нашето знаење трупано како што верверичката трупа храна, а староста ја сметаме самата по себе како сеанучна школа. Забораваме дека Сократ бил познат по мудроста не затоа што бил сезнајко, туку затоа што сфатил дека на возраст од 70 се уште не знае ништо“.
Оригиналниот текст тука