Ама имало. Како што рече Сара Даниус, главната на Нобеловиот комитет, одговарајќи на тоа дали Боб навистина ја заслужил наградата - „Нормално дeка ја заслужи. Па само што ја доби“.
Претпоставката дека наградата нема да отиде кај Дилан не беше резултат на несакање тоа да се случи, туку на чувството дека во книжевните кругови „од високото добро утро“ оние кои ја пејат својата поезија, па уште и имаат статус на рок ѕвезди, не се книжевници во вистинската/сериозната смисла на зборот, туку „нешто друго“ - песнописци, стихотворци или стихоклепци, лиричари, трубадури, фраери со мрсни коси и гитарчиња, сè но не и книжевници и писатели. И покрај сите начини на кои се менувала сликата за оној кој се изразува преку (пишан) збор во последниов век и половина, стереотипот некако преживува: „вистински“ писател е човек кој седи зад машината за куцање (или пред мониторот) во роденовска мислечка поза, изнедрува длабоки мисли и ги преточува во фикција или во поезија, тие излегуваат во форма на книга, а тој (многу поретко „таа“) осуден на интелектуална осама, чмае во меѓупросторот до следното дело.
Писателите (дури и кога се алкохоличари, женкари и пробисвети) се „етерични“ суштества, а поетите пак дамбетер. Дали другите 11 досегашни добитници на Нобел за книжевност-поети, како Тагоре, Елиот, Неруда или Јејтс би биле задоволни што на нивниот табор му се придружил некој кој последниве педесетина години ги минал по зачадени клубови, на турнеи и снимајќи плочи и спотови? Дали Ристо Вртев би можел некогаш да биде примен во Друштво на писателите? Дали песните на Фолтин би можеле да се најдат во некоја Антологија на современата македонска љубовна поезија?
Па сепак, against all odds, Нобелот отиде кај Дилан. И реакциите не стивнуваат. „Светот кој му доделува Нобел на Дилан е истиот оној свет кој го номинира Трамп за претседател“, напиша коментатор на британскиот Телеграф, додавајќи дека тој е „мрачна ѕвезда што ѕенѕа на гитара, а другите добитници сонца околку кои орбитираме и за кои треба да сме среќни што се наши современици“. Други го обвинија Нобеловиот комитет дека потпаднал под влијание на толпата, заради која Дилан се наоѓа на листата на обложувалниците од 1996. Можеби е виновна носталгијата на некои од повозрасните во нивните редови, заради кои помладите морале да гуглаат кој е тој Боб-Боб, бидејќи ним темите по кои тој е најпознат, а имаат врска со шеесетите од минатиот век, ама баш ништо не им значат. Плус ако веќе наградата се дава на музичар, зошто не на Ленон или на Мекартни? Како тргнало, според еден твит, во 2034 можеби дури и на - Ријана?
Од друга страна, апологетите на поп културата како рамноправна во однос на тн. „висока“ (читај: елитистичка, снобовска) култура не можат да ја скријат својата еуфоричност. Секако, има тука и закоравени обожаватели на Дилан како таков, но целата приказна околку неговиот Нобел е многу повеќе од ќеф дека „твојот човек“ е награден. И не дека тој не се обидел и во писателските води (неговиот експериментален роман официјално објавен во 1971, „Тарантула“ и неговите автобиографски „Хроники“), но она заради што е наречен „креатор на нови поетски изрази во големата американска музичка традиција“ е начинот на кој поетски го комбинирал она што го научил од неговите претходници, како Вуди Гатри, со сензибилитетот на француските-поети симболисти (Верлен и Рембо, спомнати во You're gonna make me lonesome when you go, стиховите „Ситуациите завршија тажно/Сите врски лошо/Моите беа како на Верлен и Рембо“), за да создаде песни за кои се вели дека промениле, или во најмала рака отсликале едно време, но кои се актуелни и денес.
Blowin' in the wind е изведувана, од Дилан или од други музичари, за време на најзначајните настани во поновата историја на САД, на пример во текот на Маршот на Вашингтон, само неколку часа пред Мартин Лутер Кинг помладиот да застане пред толпата и да изговори „Јас имам сон“. Like a rolling stone е прва на листата на 500 најдобри песни на сите времиња на Ролинг Стоун, а ракописот со стиховите е продаден за 2 милиони долари. A hard rain's a-gonna fall оригинално е посветена на војната во Виетнам, но таа, заради густата симболика, и денес може да се интерпретира на безброј начини, на пример како предупредување од климатските промени. Idiot Wind е исто така применлива на сите географски широчини и важи за сите времиња, опишувајќи ги луѓето со празни зборови и исти такви души, од чии усти излегува само ветар. Times they are a' changing е уште една вонвременска песна, повик да се заземе вистинската страна на историјата во текот на движењето за граѓански права, да се одбере дејствување наместо рамнодушност.
Она со што сите се согласуваат е дека времињата се менуваат и за Нобеловиот комитет. Минатата година тој прв пат ја додели наградата за книжевност на новинарка (за Светлана Алексиевич тогаш пишувавме тука). Сега тоа го прави со музичар. Дали неговото дело е рамно на оние на еден Хемингвеј, Пинтер, Маркес, Сартр, Черчил, Иво Андриќ? Од „сериозните“ кои уште немаат добиено Нобел засега реагираа Салман Ружди и Џонатан Френзен. Првиот напиша: „Живееме во време на големи поети-музичари: Коен, Пол Сајмон, Џони Мичел, Том Вејтс - но Дилан е над сите нив. Неговите зборови ми се инспирација цел живот, откако слушнав прв пат албум на Дилан на школо. Пресреќен сум што доби Нобел. Границите на литературата постојано се шират, и е возбудливо што Нобеловата го препознава тоа. Цел ден ќе ги пуштам неговите песни“. Вториот, ироничен: „Ова е горчливо разочарување за сите нас кои се надевавме дека Морисеј ќе победи оваа година. Но ни дава надеж за следната“.
Ние само едно знаеме - за разлика од други години кога се случуваше при објавувањето на името на добитникот да се чудиме за кого се работи (се обложуваме дека малкумина знаеа кој е Жан-Мари Гистав Ле Клезио кога тој ја доби наградата во 2008), сега ни дојде топло на душата. Откако прославивме за него, дур уште не зачукал на небесната порта, сега чекаме Нобел и за Коен. Затоа што стиховите на овие двајца, комбинирани со нивната музика, се наши засолништа од бурите.
Поврзано: Офф пакетче за нобеловецот (толку сме пишувале за него што се чувствуваме делумно заслужни:)
„Алфред, дај му на човекот“ од 2013