Ова секако не е прв пат Дилан да биде наведен не само како можен, туку и како нужен добитник на големата награда. Но најновиот текст во оваа смисла на Бил Виман од Њујорк Тајмс веќе звучи по малку панично. „Време е идејата да биде сфатена сериозно. Нобеловата не се доделува постхумно, а г-дин Дилан сега е во седумдесетите години од својот живот, и има проблеми со срцето."
Не знаеме колку оваа емоционална уцена ќе влијае врз комисијата, но можеби повеќе ќе завршат работа аргументите на кои и до сега сме укажувале кога е во прашање правичното третирање на рок поезијата како асли поезија, но кои во текстот на Виман се фино систематизирани и образложени. Еве ги стереотипите заради кои Дилан демек не може да ја добие наградата, и реалната ситуација, заради која и може, и треба.
Боб Дилан не е по калапот на трезвен креатор на „голема литература".
Секако дека не е - ама земете го предвид следното: во 1997 наградата отиде кај Дарио Фо, непоправливиот профан италијански драмски писател, против чиј избор особено предничеше католичката црква. Големото мнозиноство добитници се светски титани (Љоса, Грас) или помалку познати но добро етаблирани кандидати (Орхан Памук, Шејмас Хини), со одвреме-навреме по некој опскурен добитник (како пред девет години Елфриде Јелинек), колку да не биде здодевно. Шведската академија одамна нема наградено ум како оној на Фо.
Г-дин Дилан пишува поп стихови.
Всушност, г-дин Дилан пишува. Точка. Зошто вредноста на напишаното да зависи од тоа каде тоа завршува? Оние кои го користат зборот „поп" како инструмент на исклучување, го прават тоа на своја штета. Дикенс и Твен, Иго и Шекспир и Еврипид, сите тие биле популарни во свое време.
Сепак - неговите „песнички" не се литература.
Во 1950-тите во Америка рок музиката била создавана од страна на маргинализираните - луѓето кои ги граделе нивните животи околу блузот, фолклот, госпел или кантри музиката. После дошле електричните гитари и некои чудни движења со колковите. Се наметнала нова, повоена генерација, и се случила културна револуција.
Г-дин Дилан на тоа додал литература. Претходно, секако, бил пејач со народна елоквентност. На ова тој го надградил духот на битниците и сировиот интелектуализам на симболистите. Дрогите не штетеле, а ни тоа што Дилан, согласно силните библиски мотиви во неговите песни, очигледно добро го проучил и светото Писмо. Тој не е ни светец ни моралист. Од неговите стихови избива епски гнев и раздразливост. Но исто така и нежно милосрдие, екстравагантна и длабока љубов, самообвинување, и она што на крајот изгледа како не мала мудрост.
Поп стиховите се корумпирани од желбата на нивниот автор за поширок успех.
Всушност, во оваа смисла работата е јасна - каква и амбиција да има, тој е личност, а неговата уметност е од таква природа што е тешко преку неа да се брка и јавно одобрување, но и казна. Г-дин Дилан можеби не е Солженицин, но тој е фигура која суштински го ремети воспоставениот поредок.
Ако академијата не го награди делото на Боб Дилан - бардот кој е отелотворување на најзначајното културно движење од втората половина на минаттиот век - таа ќе ја пропушти шансата да награди поп поет. Кои други музичари би можеле да се квалификуваат? Џони Мичел или Леонард Коен? Чак Бери? Иконокластичен и се уште витален, овој уметник бара да ги сфатиме сериозно производите на неговата муза.