Алексиевич е првиот добитник од Белорусија, а Академијата според официјалното соопштение ѝ ја доделува за „нејзиното полифонично пишување, споменик на страдањето и храброста на нашето време".
Како новинарка и писателка таа го објаснува нејзиното кредо на следниов начин: „Бирам жанр каде човечките гласови зборуваат за себе". Во нејзините книги кои зборуваат за трагедиите на Втората светска, Советско-авганистанската војна или за ужасите на Чернобил, таа без желба за самопромоција им остава простор на очевидците на настаните - за книгата „Гласови од Чернобил: орална историја на една нуклеарна катастрофа" интервјуирала стотици луѓе кои биле погодени од несреќата во 1986, која предизвика радијација во голем дел на Источна Европа.
„Сите мои книги вклучуваат докази од сведоци, во нив има живи гласови на луѓе. Обично ми требаат три или четири години за да напишам книга, но за оваа ми требаа десет", изјавила таа.
Последен пат Нобел за литература за нефикција е доделен пред повеќе од половина век, на Бертранд Расел и Винстон Черчил (1950, односно 1953). Но ова е прв пат тoj да се додели на истражувачки новинар.
Освен тоа, од 107 добитници на Нобеловата за литература, само 13 до сега биле жени. Во последниве неколку години постоеше очигледен тренд на форсирање жени-лауреати, а со изборот на Сара Даниус за прва жена- постојан секретар на Шведската академија беше направен уште еден историски чекор кон родова избалансираност. Оваа година фаворити за наградата меѓу жените беа Маргарет Атвуд и египетската феминистка Навал Ел Саадави
Наградата на 67-годишната писателка ќе ѝ биде доделена на свечена церемонија во Осло на 10 декември.