Во интервју за ЛА Тајмс Стоун зборува за книгата, и за неговата проценка зошто Безос би купувал весник во време кога индустријата на печатени медиуми значајно опаѓа. Веста и него го изненадила.
Зошто напишавте книга за Амазон?
Амазон е една од најголемите продавници на светот, и една од најголемите приказни во ерата на интернет. Постојат книги за Епл, Гугл и Фејсбук. А искрено сметам дека никој досега не ги забележал како што треба достигнувањата на Џеф Безос и неговите колеги и семејството.
Дали го интервјуиравте за книгата?
Да. Тој исто така овозможи разговор со неколку негови колеги, пријатели и членови на семејството. Но тоа е сепак Амазон: тие се во принцип мистериозна компанија. Токму тоа беше предизвикот. Можев да се обложам дека има голем број луѓе кои ја напуштиле компанијата или пак компанијата ги отпуштила. И тие имаа одлични приказни за раскажување од градењето на франшиза која ја знаат луѓето околу светот.
Компанијата почна со книги а потоа со продажба на многу работи - иако колку што знам таа никогаш не продаваше претплати за весници. Сега Безос купува весник. Имате идеа зошто?
Безос смета дека бизнис филозофијата на Амазон е многу силна и широко применлива во сите области од бизнисот. И филозофијата е да се има долгорочна ориентација. Да не се инвестира во квартали, без оглед што велат аналитичарите. Експериментирај. Пробај многу работи, и ако тие не функционираат, биди стрплив.
Она што тие го велат е „Почни од муштеријата и оди наназад"...Тој верува дека со тоа трпение и со неговите финансиски ресурси, како и со волјата за експеримент и нудење на нешта кои на читателите би им се допаднале, ќе може да се оживее дури и толку опадната франшиза како што е Вашингтон пост.
Дали во Амазон има некои иновации кои би можеле да го преземат и бизнисот со весници, и дали токму тоа е насока кон која Безос би можел да го смени весникот?
Едно е Kindgle Singles Program, тоа е начин на директно објавување кратки, мини книги. Тие неодамна го интервјуираа претседателот Обама и го објавија интервјуто како Kindle Single. Тоа не е нешто за што би имало многу место во традиционалните книжарници.
Друг пример е Kindle Serials. На некој начин тоа нè враќа во времето на Чарлс Дикенс и објавувањето книги во сериски формат. Вo издаваштвото се случуваа голем број експерименти. Амазон настапи токму тука, со уверувањето дека со трпение и долгорочно размислување и работа можат да се измислат нови форми на содржини за кои би биле заинтересирани читателите.
Дали сметате дека ова на кој и да е начин ќе влијае на Амазон? Или овој потег на Безос е целосно независен од Амазон?
Она што го велат е дека ова е сосема независна инвестиција. Џеф инвестира како поединец. Зборував со член на бордот на Амазон, Том Алберг, и тој рече: „Неговата најзначајна работа се уште е неговата дневна работа (со Амазон)". А Дон Греам и Кетрин Вејмаут остануваат во Вашингтон Пост, така што раководството на весникот не се менува.
Ќе биде интересно да се види ова како стратешка предност за Киндл еко-системот, но Џеф инвестира одделно и ја применува фундаменталната филозофија и долгорочната ориентација која функционира во Амазон, но во посебна област.
Некои луѓе купуваат весници затоа што веруваат дека тоа е нивна граѓанска должност или пак го прават тоа заради моќ. Дали Безос можеби го прави од истите причини?
Тоа е добро прашање. Не знам. Не сум размислувал за тоа на овој начин. Во поголемиот дел други инвестиции тие се направени заради финансиските можности кои ги отвара иновацијата. Страстен е во врска со претприемачите. Кога ги сретна Лари Пејџ и Сергеј Брин во 1998, тој се заљуби во нивната тврдоглавост и фактот дека не сакаат да ставаат реклами на насловната на Гугл. И се обложи на нив. Понекогаш носи одлуки затоа што верува во таквите луѓе. Ако сте го виделе неговото писмо на страницата на Вашингтон пост, тој таму вели дека го познава Дон Греам цела деценија и дека нема подобар човек. Значи тука има и некаква човечка врска. Можеби инвестира во Дон и неговиот менаџмент тим и смета дека со малку промени ќе може да го смени весникот.
Дали бевте изненадени од соопштението?
Го покривам Амазон барем 14 години. Бев многу изненаден. Џеф практично покажа интерес во инвестирање во нови бизнис модели и нови технологии. И онаму каде тој и до сега има инвестирано во медиуми тоа било нешто како Business Insider, што е блог. Или Next Door, што е локална социјална мрежа, каде се воспоставува фундаментално различна врска помеѓу писателот и читателот. И се користи технологија за да се дојде до читатели на нови начини.
Овие компании не подразбираат ништо од старите трошоци на старите весници, како на пример обврска за обезбедување пензија за вработените. Не мислев дека тој ќе помогне да се поттикне ренесанса на 136-години стар весник.