Сепак, тоа што на програмата на Хрватското народно казалиште (ХНК) токму тој ден кога поминав крај него беше балетот „Зорба" некако ми се намести. Ај што песните на Микис Теодоракис кои се содржани во балетот ги знам напамет од дете, ај што тој е правен по книжевно дело, славниот роман на Казанѕакис, туку се однесува и на еден скопјанец - Јоргос „Гркот" Зорбас, кој тука поминал дваесет години, живеејќи во хотелот Ловец до смртта во 1941, и занимавајќи се со ископување шкрилец на планините над градот (повеќе за таа приказна тука).
Балетот напишан 1988 и изведуван во голем број верзии, овој пат во кореографија на Унгарецот Иштван Херцог, горе-долу ја следи нарацијата на романот, прилично соголена од детали. Така, дури и да немате поим за што се работи во книгата или во славниот филм со Ентони Квин и Ирена Папас, можете да ги фатите нејзините основни елементи: изолирано грчко село, еден турист-интелектуалец и неговиот локален зен-учител по живот, една вдовица која е осудена на смрт од селото затоа што влегува во врска со туѓинецот, една бивша проститутка, еден монах и „народ" - горостасни мажи кои кога не р'мбаат играат табла и едвај чекаат повод за тепачка, и селски жени кои оговараат и клеветат. Ваквата социјална и ментална структура е разбирлива за секој жител на Медитеранот и неговата непосредна околина, па не е ни чудно што на Сплиќани, дури и на групата средношколци околу мене кои според коментарите не знаеа ништо за позадината на приказната, сосема им беше јасно што се случува во секој момент на сцената.
Претставата во малку поразлична постава премиерно била прикажана на последното Сплитско лето, на отворено, со оркестар и оперски хор во живо, така што тоа сигурно било многу посилно доживување. Вака, и покрај почетната радост, некако не ми се направи ќефот. Главната причина веројатно е тоа што балетан тешко може да биде некој шеесетгодишен, па ми требаше долго време да сфатам кој е побогу Зорба на сцената. Тој што ми изгледаше најмустаќест и највозрасен од сите испадна дека е во некаква споредна улога, а боемот Алексис излезе дека го игра (во случајов - буквално) извесен Јасаи Мергалиев, 27-годишен Казахстанец и по род и по коси очи, кој веројатно намерно за оваа прилика пуштил брада за да делува по „грчки" (на фотографијата горе). Таков ситен, елегантен и азијатски некако повеќе би легнал на балетска адаптација на „Во змејовото гнездо". Другите позначајни улоги, барем според имињата во според флаерот, ги играа Руси, очигледно на привремена работа на Јадранот.
(најевтината карта, во партер, 70 куни или речиси 600 денари)
Иако сосема професионално изведена (не се разбирам во балет да коментирам па-де-деа и пируети), чувството барем мене ми беше млако до последната сцена, онаа фамозната со сиртакито, на која не може да остане имун ни најциничниот (не)познавач на балетот. Два пати враќан на бис, ансамблот на крај го додели целиот приход од претставата на Здружението за помош на аутистичните деца, и понуди бесплатни часови балет за нив. Тоа само го зголеми воодушевувањето на публиката, која во ритамот на сиртакито продолжи да аплаудира уште долго. Среде вревата начув една жена како го сумира сопственото искуство - „Ајме фантасте!!".
А јас излегов во тивката ноќ, и како што вели Казанѕакис, „уште еднаш почувствував колку едноставна и скромна може да биде среќата: чаша вино, печен костен, мала испокршена скара, звукот на морето. И ништо друго".
(снимка од светската премиера на балетот во Арената во Верона, август 1990, со многу поубедлив Зорба)