Арик Кершенбаум е научник на Универзитетот Кембриџ. На неговиот сајт се наведени три главни области на истражување - „Волци и други кучешки видови“, „Делфини и морски животни“ и - вонземјани.
Тој тврди дека „универзалните закони на биологијата“, кои се однесуваат на животот на Земјата, истовремено се применливи за вонземјаните. Без оглед како би функционирала таа вонземјанска биохемија, и без оглед на тоа како би се разликувале планетарните средини во кои тие суштества би живееле, сепак - тврди Кершенбаум - некоја верзија на природна селекција би морала да важи. Тоа значи дека би постоеле ограничени „менија“ на можности, а повеќето од нив би биле споредливи со она што се случува на нашата планета.
Овие аргументи ги образложува во својата нова книга „Зоолошки водич за Галаксијата: што ни откриваат животните на земјата за вонземјаните и за самите нас“. Во неа тој прави паралели помеѓу физичките адаптации на животните со замислените адаптации кои би морале да ги направат живите суштества на други планети за да преживеат. Тоа според него би требало да се истите механизми - принципи применливи во целиот космос.
„Кога би откриле некој загубен остров на Земјата, ние би ги истражувале животните кои постојат таму од перспектива на она што го знаеме за еволуцијата на животот општо. Зошто не би ги користеле истите методи за живот на друга планета?“, прашува тој.
Еден од елементите кои ги испитува е „интелигентниот“ живот. Според авторот никој не станува интелигентен само затоа што тоа е „кул“ - веројатно неговите предци (како вид) имале некаква корист од таа карактеристика. Доколку стигнале до степен кога можеле да изградат телескоп, тогаш морало претходно да има фази во кои било предност да си љубопитен, и да комуницираш.
Ваквиот тип „зоологија“ применет на организми за кои не ни знаеме какви се и дали воопшто можат да се класифицираат како „животни“ сепак е интересен мисловен експеримент, кој прави вон-земниот живот да изгледа малку по-земски.