Жолтата, која денес во поголем број културни контексти е асоцирана со недозреаност и кукавичлук (како во „жутоклунец“), таа најчесто била користена од средовековните и ренесансните уметници за претставување на предавникот Јуда, како во горниот пример со муралот на Ѓото, во капела во Падова, Италија.
Огнено жолта е и бојата со која мистериозна рака испишува порака на ѕид на слика на Рембрант, „Гозбата на Балтазар“, хебрејски букви кои го вчудоневидуваат кралот на Вавилон, и го најавуваат скорешниот пад на неговата империја.
Ако е за верување на легендата, некои од најпознатите примери на жолта во уметноста - од трансцедентите отсјаи во пејзажите на Тарнер до спиралните облици на Ван Гог, се резултат на суровост и тоа кон животните. Таа - легендата - вели дека жолтата боја долго време се добивала од заболена урина на лошо исхранети индиски крави!
Почетната точка на приказната е бенгалскиот град Монгир. Тука кравите биле хранети само со листови манго и вода, потоа нивната мочка била собирана во керамички садови и прочистувана со некаков сируп над отворен оган. Потоа се филтрирала, сушела и се моделирала во парчиња пигмент наречени „пиури“, кој се продавал на локални уметници, но од 1920-тите и низ целиот свет.
Тоа е причината зошто оваа жолта се нарекува „индиска“ (jaune indien на француски и холандски, Indishgelb на германски, amarillo indio на шпански). Додуша, за нејзиното потекло има и поинакви теории. Една од нив, од 19 век, на хемичарот Џон Стенхаус, кој ги набљудувал топчињата боја под микроскоп, тврдел дека таа се прави од камчиња извадени од жолчката на различни животни, како камили, слонови и бафала, но дека можеби е и од растително потекло, како на пример од сок на некое дрво или растенија кој потоа е збогатуван со магнезиум.
Без оглед на вистинската приказна, откако еднаш ќе ја прочитате оваа со урината, жолтата во „Ѕвездена ноќ“ ви изгледа уште полудо.