Ретката сина боја која ја измислиле Маите

Додека нивните европски колеги сината боја добиена од лапис лазули ја плаќале во суво злато, и ја штеделе само за најважните теми, Маите сами измислиле прекрасна сина нијанса, која масовно ја користеле. 

Во Европа во 17 век, кога Караваџо и Рубенс ги сликале своите ремек-дела, синиот, ултрамарин пигмент направен од полускапоцениот лапис лазули, ископан некаде во Авганистан, бил плаќан во чисто злато. Само најбогатите сликари (или оние со најбогати мецени) можеле да си дозволат да го употребуваат овој материјал, додека оние победните морале да се задоволат со пообични бои, кои бледнееле под сонцето. Синтетичка алтернатива била измислена дури во текот на индустриската револуција од 19 век, кога ваквата сина станала широко достапна.

Но преку Атлантикот, колонијални барокни дела создадени од уметници како Хозе Хуарез, Балтазар де Ешаве Ибија и Кристобал де Вијалпандо од Мексико од раниот 17 век - или од „Новата Шпанија“ - биле преполни со ваквата прерасна сина. Како е ова можно? Лапис лазули бил уште поредок во Новиот свет.

Мистеријата е решена дури во средината на 20 век, кога археолозите откриле дека Маите самите измислиле отпорна и брилијантна сина боја, векови пред нивната земја да биде колонизирана, а нивните ресурси експлоатирани.

Додека во Европа сината била штедена за најважните теми (на пример за сликањето религиски мотиви), во Мексико таа била користена за сликање на помалку свети, секојдневни сцени. Мурали од ваков тип се откриени во денешно Мексико и Гватемала, а најстарите датираат 300 години п.н.е. Сината имала специјално церемонијално значење за Маите - тие ги боеле човечките жртви и олтарите на кои тие се жртвувале токму во ваква сина боја, пишува бискуп на колонијално Мексико во текот на 16 век.

Од каде ја добивале Маите оваа боја? Станува збор за ретка глина наречена атапулгит, која била мешана со боја добиена од растението ањил, вид индиго. Во текот на колонизацијата природните материјали како овој биле користени како и секој друг ресурс на кои се наидувало при пљачкањето. А пак мајсторите-сликари од Америките во историјата на уметноста се запишани како некоја послаба школа на барокна уметност од онаа на Караваџо или Рубенс.

Но ова сега се смета за неправедно, бидејќи сликарите како оние наведени погоре сепак имале уникатен стил - сликале огромни софистицирани композиции кои не се имитација на нивните колеги од Европа. Таква е на пример куполата на катедралата во Пуебла, Мексико, насликана во 1688, на која сините нијанси се впечатливи и денес. Тие се живи и азурни, за разлика од европскиот темен ултрамарин, кој не се покажува толку стабилен како мезо-американските бои. Кои употребени во композиции со повеќебројни извори на светлина, колажни комбинации и други живи бои покажуваат дека на средноамериканскиот барок треба да му се посвети многу повеќе внимание отколку што тоа било правено до сега.

Извор

20 август 2018 - 15:45