Во чест на Орнет Колмен

Жива ли е музиката?

За да покажеме дека џез публиката во Скопје има не само историско минато и плодна сегашност, туку и сигурна иднина, поканивме еден млад човек, студент од прва година по етнологија, да напише неколку редови за една од неговите музички љубови. 

Се сетивме на Андреј заради една урбана легенда (а всушност чиста вистина), дека тој како семинарска има изведено one-man show посветено на снимањето на Kind of Blue на Мајлс Дејвис. Овој пат за за една друга легенда - човекот кој со својот пластичен саксофон влијаеше на историјата на музиката.

***

Аритмија е термин кој означува неправилно отчукување на срцето. Јас би го употребил за опишување на музиката на Колмен – аритмична. Неконвенционални ритам, структура и хармонија се главните карактеристики на неговите композиции, кои по нивното објавување предизвикаа многубројни критики поради "прекршувањето" на т.н. правила во музиката. Токму ова беше идејата – да се ослободи музичкиот израз од сите пропишани норми и граници; да се дозволи музиката да оди по еден природен тек; да се долови емоцијата на начин на кој не било направено претходно.

Оддалечувањето од стандардите на bebop џезот, кој до доаѓањето на Колмен беше неприкосновен, на почетокот беше гледано како невкусен потег на еден млад и недокажан музичар.

Почетоците на Колмен, поради сиромаштијата, беа на пластичен саксофон, што даваше еден специфичен звук. Патувал низ земјата со блуз артисти како поддршка, за во 1958 година конечно да го сними својот прв албум Something Else!!!. Една година подоцна, во 1959 година, го снима својот албум The Shape of Jazz to Come, кој е сметан за еден од највлијателните албуми во историјата на џезот. Во него се препознаваат влијание од блуз музиката, но и карактеристичните несекојдневни хармонии. Пластичниот Grafton саксофон кој е искористен во снимањето дава уникатен артистички израз.

Препознаен како иноватор и генијалец и од еден од најголемите диригенти на сите времиња, Леонард Бернштајн, Колмен внесува вистински новости во светот на музиката, пред се во џезот. Тој дури дефинирал и нов поим – хармолодика, што е комбинација од хармонија, движење на звукот и мелодија. Иако во првичниот концепт овие три се на исто рамниште, тој предност ѝ дава на мелодијата пред хармонијата, што е причина да не користи пијано во своите композиции се до 1990тите години.

Продолжува да снима повеќе албуми, од кои како посебно важен ќе се покаже Free Jazz: A Collective Improvisation, кој со неговите 40 минути претставува најдолгата континуирана изведба на џез музика. Овој албум ќе ја постави основата за формирање на новиот жанр – free jazz. Слободно може да се тврди дека Орнет Колмен е татко на фри џезот, иако тој на почетокот не ја оправдувал оваа класификација.

Во 1970тите почнува да свири со електричен бенд, заедно со неговиот 10 годишен син зад тапаните. На почетокот, музиката на Колмен била сметана за контроверзна до тој степен што се случувало на jam sessions некои од музичарите да ја напуштат сцената за време на солото на Орнет. Бил остро критикуван од познатите критичари во тоа време, за тие подоцна да ги повлечат своите изјави. Често им кажувал на луѓето: „Јас сум композитор кој изведува". Го поставувал прашањето „Жива ли е музиката?". Верувал дека секој може да прави музика со секого.

Во неговата кариера соработувал со Јоко Оно, Лу Рид, Пат Метени, Чарли Хејден, Били Хигинс, Дон Чери, како и многу други познати артисти. Добитник е на повеќе награди, вклучувајќи ги: Пулицер за неговиот албум Sound Grammar, Grammy Lifetime Achievement Award, MacArthur, Praemium Imperialе.

На 11 јуни, 2015 година, Орнет Колмен почина од срцев удар. Аритмичното срце на овој голем уметник, што беше целосно изразено преку неговата музика, го проживеа својот дел на овој ограничен свет.

Во духот на неговата музика, со неправилна структура на целиот текст, ве оставам со омилената песна на Лу Рид:

Андреј Татарчевски

Бонус: фотографија од Универзална пред настапот на Колмен во 2006 (со соодветен коментар)

13 јуни 2015 - 08:41