Сликарката Кончета Антико има необичен стил. Стеблата на нејзините еукалиптуси се виолетови, пејзажите се хиперколоризирани, речиси психоделични.
Вака би ги оцениле нејзините слики доколку не би знаеле дека таа има ретка состојба, наречена тетрахроматија. Тоа подразбира поседување четврт рецептор за боја во својата ретина, што ѝ овозможува да разликува 100 милиони различни нијанси. За споредба, оние меѓу нас со три од овие рецептори, можат да разликуваат околу еден милион различни бои.
Но Антико не знаела за ова до пред 10 години. За неа светот едноставно бил многу, многу шарен. И ова било отсекогаш така - како дете растела во Синдеј и секогаш била по малку „откачена“. Ја фарбала косата во џиш бои, за собата бирала интензивно зелени теписи и црно-зелени пердиња. Фасцинирана од природата, таа често исчезнувала од дома во обиколка на блиските шуми и ливади.
Кога завршила факултет, Антико се преселила во САД, каде станала сликарка и професорка по уметност во Сан Диего, развивајќи сопствен стил на шарени пејзажи, флора и фауна.
Нејзината дијагноза станала јасна во 2012, кога нејзин поранешен студент, невролог, по мејл ѝ пратил научна статија за тетрахроматија, сметајќи дека тоа е она што го има Антико. Неколку месеци претходно, таа открила дека нејзината ќерка била далтонист. Првото што го прочитала во текстот било дека жените кои имаат тетрахроматија имаат потенцијал да создадат потомство слепо на бои.
Антико им пишала на научниците-автори на статијата и во следните 24 часа веќе им праќала плунка во Вашингтон. Таму е потврдено дека таа ја има генетската мутација одговорна за овој синдром.
Сепак, самото поседување на генот, кој го имаат околу 15% од жените, не е самото по себе доволно за да се биде тетрахромат, но е нужен услов. Кај Кончета помогнало и тоа што таа сликала континуирано од возраст од седум години, и навистина го развила потенцијалот.
Преку генетско тестирање, Антико сфатила дека и нејзината мајка, која починала кога таа имала 12 години, веројатно била тетрахромат, што било добро објаснување зошто имале црвено-сини светилки во базенот, кои потоа биле заменети со виолетови. Нивната куќа постојано била обоена во бизарни бои.
Антико вели дека оваа состојба таа ја толкува како дарба, која ѝ овозможува да ужива во секоја глетка, но само кога е во природа. Големите шопинг центри и улиците полни со неонски билборди, поради флуоресцентна светлина го имаат спротивниот ефект, ја вознемируваат и ја прават несреќна. Затоа вели дека се држи до птиците, животните и дрвјата, претставувајќи ги на начин на кој другите луѓе не можат да ги видат.