Историјата на Англија можела да биде многу поразлична и во неа да има Арбелијанска ера. Тоа можело да се случи доколку лејди Арбела Стујарт (1575-1615) ја наследела својата братучетка Елизабета Прва како кралица, како што некои се надевале. Знаеме дека тоа не се случило, но зошто?
Кампањата за Арбела да биде кандидат за највисоката титула започнала со проводаџиска шема, организирана од нејзините две баби, Бес од Хардвик и Маргарет Даглас. Овие две лукави благороднички одлучиле да го оженат синот на Маргарет (Чарлс Стујарт) со ќерката на Бес (Елизабет Кавендиш), и тоа не поради среќата на своите деца, туку за од овој брак да произлезе можен наследник на тронот со кралска крв во вените, наследена од Маргарет. Арбела Стујарт, единственото дете кое произлегло од овој внимателно аранжиран сојуз, се родила во 1575. Таа била трета братучетка на кралицата Елизабета Прва.
Арбела останала сираче на седум години и добила кралско образование под старателство на Бес. Целиот живот била подготвувана за преземање на највисоката функција - тронот на Англија. Но по смртта на Елизабета во 1603, нејзиното право било пренебрегнато од страна на парламентот во корист на нејзиниот братучед, Џејмс Шести од Шкотска, едноставно затоа што тој имал појаки карти во рака.
Имено, тој веќе бил крал на Шкотска и со себе во Англија донел армија, влијателна сопруга (Ана од Данска), три здрави деца кои би можеле да го наследат, и унификација на Англија и Шкотска под иста круна. Арбела немала ништо од ова, освен кралска крв и висока интелектуална подготвеност, елементи кои никако не ѝ помагале во понекогаш валканите политички игри. Тој станал Џејмс Први од Англија и Шести на Шкотска, додека таа останала едноставно лејди Арбела Стујарт.
Иако била прифатена како член на кралското семејство, таа секогаш се чувствувала отфрлено на дворот на Џејмс и знаела остро да го критикува несофистицираниот стил на Ана во однос на женските прашања. Но најголемиот скандал го предизвикала кога се омажила без дозвола на монархот. Младоженецот бил Вилијам Сејмор, по титула лорд, но 13 години помлад од неа. Парот тајно се зел на 22 јуни 1610. Со ваквиот избор, Арбела практично ја уништила шансата за некаков договорен политички брак кој Џејмс можеби би го организирал за неа. Истовремено, ја ставила во опасност круната, бидејќи доколку таа имала дете, неговите непријатели можеле да ја поддржат и со заговор да ја стават неа или нејзиното дете на тронот.
Бесниот Џејмс ги ставил Арбела и сопругот во куќен притвор. Вилијам избегал за Фландрија, но Арбела успеала да стигне до водите на Франција пред да биде фатена и вратена во Англија. Таму починала во озлогласената Кула на 25 септември 1615, по долг штрајк со глад. Имала 39 години.
Нејзиното наследство вклучува голем број писма и текстови кои укажуваат на брилијантен ум, кој според некои историчари можел да му парира на Шекспир. Најголемата трагедија оттаму не е што таа не станала кралица, туку што Англија го загубила нејзиниот голем талент.