Како се буделе луѓето во минатото во градовите, каде природата веќе не можела да биде единствениот извор на информација за тоа колку е часот, а часовниците со аларм сè уште не биле широко достапни?
Во Британија во 19 век, во текот на индустриската револуција постоела професија „нокер-апер“ („будач“). Луѓето-аларми за шест пени неделно со долг стап чукале на прозорците на спалните соби или користеле други креативни методи за будење на своите сограѓани.
Една од нив била Мери Смит, моминско Мендоза, од Брентон Стрит во Лондон. Родила дури шеснаесет деца но само две доживеале поодмината возраст. И таа, како и многумина други, живеела бедно, и во постојана неизвесност што носи утрешниот ден. Слично на тоа, и работниците во англиските фабрики не можеле да си дозволат да доцнат на работа бидејќи лесно можеле да ја загубат. Оттаму и потребата за сигурни будачи, а такви главно биле повозрасни мажи и жени, иако кога некој од нив не бил во можност нивната обврска ја преземале и полициски службеници.
Мери имала интересен метод - наместо да носи со себе долг стап и да ризикува да скрши некој прозорец, таа имала цевче и зрнца грашок и со нив сигнализирала дека е време за станување. Нејзиното семејство продолжило со истата активност цели шеесет години, а ќерката на Мери, Моли Мур, најверојатно била меѓу последните „нокер-апери“ во Лондон.
Интересно е што самите будачи требало да имаат свои луѓе што ги буделе, бидејќи и тие можеле, нели, да не станат кога требало. Во интересна приказна на оваа тема се раскажува како бил буден глувонем работник - со користење јаже на кое бил закачен тежок товар. Кога јажето ќе било откачено, товарот висел крај креветот па доволно било тој да погледне низ прозорецот и да го забележи.