Иако „хроничар на Скопје“ со право ќе остане најчестиот опис на неговата долгогодишна авторска кариера, сепак е по малку неправедно да не се спомене и тоа дека Данило Коцевски е еден од иницијаторите за основање на Институтот за македонска литература, дека беше уредник на едно од ретките сериозни списанија за уметност и култура кај нас, „Разгледи“, и дека во еден мандат (2008-2012) беше и директор на Струшките вечери на поезијата.
Низ неговите хроники, особено во неговата последна, „Скопски легенди“, објавена 2017, дефилираат еден куп ликови и приказни - од основачот на скопската зоолошка градина, врската помеѓу Томас Ман и професорка на скопскиот универзитет Аница Ребац, тетката на Винстон Черчил, хуманистката лејди Пеџет која тука формирала болница за време на Првата светска војна. Но во неговата кратка проза сите тие, и многу други, лебдат некаде во меѓупросторот на документарното и фиктивното, и не се само поврзани со Скопје, туку и со други градови кои тој ги имал посетено и кон кој исто така се приврзал.
Таква е збирката „Патување за Аркашон“ од 1989, во која има раскази произлезени од престојот на Данило во Франција (градовите Аркашон, Париз и Бордо). Ја издвојуваме токму неа како доказ дека да се биде хроничар бара еден посебен сензибилитет, чувство за малите приказни и начинот на кој тие се вклопуваат во големата слика. Во нив, на пример, го нема Наполеон, туку сосема „обични“ луѓе, како еден клошар кој во еден од расказите во книгата влегува во познатото париско бистро Режoн (Regent), „голем како Ѕевс“ со полупразно шише вино во џебот, и почнува да се смее, мајсторски илустрирајќи ја дволичноста на париската елита. Иста како онаа на вистинските или лажните „стари скопјани“, кои се колнат во својот град, дури и кога ништо не придонесуваат тој да биде поубаво место за живеење.
извор: Слушни книга