За најдоброто од грчката поезија, понекогаш комбинирана и со музика, детално пишувавме тука. За историјата на ребетико, субкултурна музичка форма рамна на блузот, фадото или тангото, поврзана со суровата реалност на животот на маргините, пишувавме во контекст на графичка новела поврзана со неа тука. Сега за еден нејзин претставник за кого изворите, дури и на грчки, се сосема скудни, а и видеата и фотографиите се бројат на прсти.
Роден е во 1933, Јорданис Цомидис на 12 години почнал да учи бузуки и виолина, и да настапува како чудо од дете. Истовремено се занимавал со атлетика, и во 1950 бил прогласен за првак на Грција на 5,000 метри во јуниорска категорија. Настапувал низ цела Грција, за во 1957, како и голем број други виртуози на бузуки, да замине на печалба во Америка. Таму останал 15 години, свирејќи во голем број клубови во Њујорк, Лос Анѓелес, Сан Франциско, Лас Вегас. Бил славен не само помеѓу Грците, туку и помеѓу Американците, спријателувајќи се со фаци како Џек Николсон, Ширли Меклејн, Џејн Фонда.
Во 1973 се враќа во Грција обидувајќи се да отвори свој клуб, но не успева во тоа. Настапува и низ Европа и снима неколку албуми, како солист и како гостин. Помеѓу нив е и соработката на албумот „Грчко готвење" на американскиот саксофонист Фил Вудс.
Последната деценија од животот, до смртта во 2006, ги поминал настапувајќи по маалски кафани во Атина, каде имал слобода да свири само кога бил расположен, и тоа главно после два по полноќ. Бил мајстор за импровизација, а негов пријател сведочи: „Јордан можеше да свири половина час импровизација, без да повтори ниту една фраза". Тоа особено е очигледно во „Таксими", која е негов заштитен знак.
Еве некои од другите негови бисери, често придружени со поучни стихови. Особено на сниките направени на негови постари години, гласот му е како на грчки Том Вејтс - само што овој не е потопен во бурбон, туку во узо. Што ви фали додека возите после граница да си ги пуштите, и така да се сродите со еден поинаков културен пејсаж на земјата во која често одите, а малку ја познавате?
Не биди дволична лажливка
(хајлајц: „Не туку лажи, и јас имам срце, ако носам капа")
Phil Woods ft. Iordanis Tsomidhs - A Taste Of Honey
Taximi
„Со жени немој на сила" (на стари години)
Додадена специјално за Адо, сега и публикуван автор