Ако некој магично ве спушти на Олимпијаки акти сред сезона, ќе ви треба време да сфатите дека всушност се наоѓате во Грција. Натписите се на романски, српски и полски, на секои пет минути сонцето ви го затскриваат црнци што плетат алки или Aзијати кои нудат привремени тетоважи и масажи, соседите на лежалките до вас се од Прилеп, а продавачот на крофни, облечен како фараон (?!), добро упатен во летната демографија, иако се рекламира на сите можни јазици („ајмо брачо и сестре", „ела ела Изабела"), е всушност од - Ѓорче.
Можеби ми е до годините, ама туризмот на средната класа никогаш не ми делувал поочајно. Во целата таа приказна социолошки e особено интересна македонската туристичка „филозофија", која го разбира одморот како поле за м'кнење сува храна од дома, упорно ценкање за одлично опремен апартман и покрај тоа што тој е поевтин отколку празна соба во Охрид, полнење бензин на последната пумпа во татковината, и молење бога економските срања во кои западнал соседот да не ни го блокираат патот. Како парчето земја на која се наоѓаат морето, лежалките и зајдисонцето да е некој паралелен свет, ничија и сечија територија, која ете случајно се наоѓа во географските и административните граници на Грција, факт кој игра улога само во „не дај боже" околности – контакти со локалните медицински установи, националистите или полицијата.
Ваквиот впечаток за виртуелната издвоеност на морскиот брег од остатокот на светот кој се нарекува Грција, генериран од присуството на разни вери и нации сплотени во копнежот по УВ зрачење и морска сол, одлично му се наоѓа на просечниот Македонец, на кого така му е психолошки полесно да го поднесе фактот што си ги остава парите кај сосед кој не му ги признава идентитетот и името. Дојдов–пливав-заминав, и тоа нема ама баш никаква врска со Грција – само со нивното гиро, узото, и со морето.
Изборот на начинот и местото за одмарање (за оние кои воопшто можат да си дозволат да се одмараат) е секако личен, иако е често на половина пат меѓу можностите и желбите. Да може Бали некако да ни се приближи веројатно не би оделе во Неа Пори. Но географската судбина не е она што ме интригира. За некој кој живеел неколку години во Грција, ја прошетал вдолж и во широчина, и делумно го зборува јазикот, ми паѓа криво кога интересот на Македонците кон неа, ако воопшто го има, завршува кај пластичната лежалка. Не зборувам за грчката историја и политиката, теми околу кои и нешто се разбираме, затоа што историски и актуелно нè тангираат. Зборувам за грчката уметност, особено за книжевноста, за која речиси ништо не знаеме после антиката. Дури и професионално упатените кон литературата и издаваштвото тешко би можеле да наведат повеќе од три имиња од модерната/современата грчка проза и поезија, при што прв сигурно би бил Казанѕакис, не толку заради книгата, колку заради филмот „Гркот Зорба". За останатите, списокот на грчки „културњаци" меѓу Хомер и Демис Русос (или за помладите – Сакис Рувас) е празен.
Една од вон– или не– политичките причини што за грчката културна сцена знаеме многу помалку отколку за која и да е друга на Балканот секако лежи во јазикот. Но преводи на грчки автори во Македонија има (како што впрочем има и преводи на македонски автори во Грција), и иако не се бројни, тие сепак даваат некаков увид во тоа како грчките писатели ја опишуваат, доживуваат и преживуваат грчката реалност, која често знаела да биде неправедна токму кон нејзините најдобри творци.
Требало да минат 20 години за поезијата на Кавафис да стане ценета во Грција, не само затоа што тој живеел во Александрија, туку пред сè затоа што се занимавал со неконвенционални теми за тогашната грчка поезија, како на пример со хомосексуалноста. Спомнатиот Рицос, „грчкиот Мајаковски", девет пати номиниран за Нобеловата награда, цел живот страдал заради сопствената комунистичката ориентација – во времето на диктатурата на Метаксас неговата најпозната песна Епитаф била јавно запалена на плоштадот во Солун, а подоцна минал години во кампови за политички затвореници низ Грција. Јоргос Сеферис, првиот добитник на Нобеловата за литература од Грција, во 1969. на Би-би-си јавно се спротивставил на воената хунта во земјата со зборовите „Мора да ѝ се стави крај на оваа перверзија". На неговиот погреб во 1971 река народ го следела ковчегот, пеејќи ја неговата тогаш забранета "Арниси" (Одрекување) (со музика тука). Одисеас Елитис, вториот грчки лауреат на Нобеловата за литература, во текот на таа иста хунта, од 1967-1974 се сели во Париз, несогласувајќи се со тогашната политика. И Манолис Анагностакис, веројатно најмалку познат од овој список, роден 1925., лежел по државните затвори заради неговата марксистичка ориентација.
Најзаслужен пак за пошироко промовирање на поезијата на сите овие автори низ медиумот на музиката е Микис Теодоракис, најголемиот грчки композитор, кој своевремено исто така беше забрануван и прогонуван. Во текот на неговиот егзил во Париз, каде тајно заминал 1971. од приватниот аеродром на Оназис близу Атина, постојано работел на ставањето крај на диктатурата во неговата земја. Париз бил прибежиште и на голем број други грчки уметници – од глумицата и пејачка (подоцна и политичарка) Мелина Меркури, режисерот Костас Гаврас и поетот Димитрис Христодулу. И покрај огромниот корпус дела од областа на класичната и филмската музика, Теодоракис е сепак најпознат токму по музичкото „толкување" на стиховите на грчките поети, кои испеани од Григорис Битикотцис или Маргарита Зорбала звучат едноставно чудесно. Истовремено, Теодоракис е еден од заслужните за ренесансата на ребетика, урбана, андерграунд музика од почетокот на 20. век, нешто како блузот или фадото, која се изведувала по таверни и узерија, а чии текстови зборувале за сиромаштијата, алкохолот, дрогата, проституцијата, насилството и егзилот.
Подолу избор песни од некои од спомнатите автори, плус бонус трака: традиционална грчка песна во изведба на Јоргос Даларас. Препевите, освен еден, се мои, иако покрај оригиналот консултирав и српски и англиски преводи. Одличен избор е и Антологијата на современата грчка поезија од 1981, како и првиот том од едицијата Современа балканска поезија посветен на Грција (Сеферис–Рицос–Вретакос–Елитис) од 1997, обете издадени од Струшките вечери на поезијата. Поезијата на Анагностакис и на Христодулу колку што ми е познато до сега не е преведувана на македонски.
За крај една вистинита приказна од летово. Мој пријател, армоникаш, со пријатели отишол на одмор на Халкидики. По неколку дена почнале да го зафркаваат дека требало да ја понесе армониката, да заработи некое евро по таверните. „Абе сигурно има во куќава армоника, ќе искрсне кај и да е", рекол тој самоуверено. Наскоро од соседниот стан се чуле познати звуци на – армоника!! Изненадено погледнале низ прозорецот, ети ти ја средовечната газдарица, ставила наочари и тегне тоа инструментот. Се фатиле на муабет, се запознале подобро, и на крај таа не сакала да им наплати за еднонеделниот престој, на име на подучувањето. Уште и го благословувала дека Господ го пратил – дотогашниот нејзин професор само што занимал гурбет Германија. Подобар пример на добрососедска соработка низ суптилниот спој на туризмот и уметноста нема.
Значи, можете слободно да ги мразите грчките политичари, а да ја сакате грчката уметност. Следниот пат кога некој од првиве ќе нè нарече варвари можеме да им го цитираме Кавафис. Без нас на нивните лежалки, како што вели древната грчка поговорка, маф им е работата.
Константин Кавафис (1863-1933)
ЧЕКАЈЌИ ГИ ВАРВАРИТЕ
Што чекаме, собрани на агората?
Варварите треба да пристигнат денес.
Зошто во Собранието ништо не се случува?
Зошто пратениците заседаваат, без да носат закони?
Затоа што варварите треба да пристигнат денес.
Чуму сега пратениците да носат закони?
Откако еднаш ќе дојдат, варварите ќе си направат свои.
Зошто нашиот владетел толку подранил,
и седи кај најголемата порта од градот,
на престолот, сиот свечен, со круната на глава?
Затоа што варварите треба да пристигнат денес
и императорот чека да го прими нивниот водач.
Дури за него подготви и повелба,
со силни титули и почести.
Зошто нашите два конзула и преторите
се појавија во црвени, извезени тоги?
Зошто носат нараквици со толку аметист,
и прстени со блескави смарагди?
Зошто денес носат скапоцени бастуни,
прекрасно изрезбани, во сребро и злато?
Затоа што варварите треба да пристигнат денес,
а такви нешта нив ги заслепуваат.
Зошто заслужните оратори не доаѓаат како секогаш
да ги држат нивните говори, да го кажат своето?
Затоа што варварите треба да пристигнат денес,
а ним говорите и свечените беседи им се здодевни.
Зошто одеднаш овој немир, оваа збрка
(колку им станаа лицата сериозни).
Зошто улиците и плоштадите толку брзо се празнат,
и сите се враќаат по домовите, задумани?
Затоа што се стемни, а варварите не дојдоа.
Некои луѓе пристигнаа од границата,
и рекоа дека варвари веќе не постојат.
И што ќе правиме сега без нив?
Овие луѓе сепак беа некакво решение.
Јанис Рицос (1909–1990)
ЗАЕДНИЧКА СОПСТВЕНОСТ
Едно дете леб јаде врз карпата, гледајќи зад планините.
Јадицата на својата сенка врз црвен покрив
ја фрла една птица
Рибарот својата јадица во морето ја втопи.
Ловецот накај шумата пушката ја впери.
Сите го чекаат пленот - секој својот
за да ги заменат своите плодови, утре-задутре,
прекрасни во светлината, вредни и доблесни,
и среќни поради скромноста на нивната добродетел.
Под самотното дрво на брегот, бремената испотена стомна
водата ја лади; и нејзината широка уста,
што е затната со една шишарка, мириса осветена од усните
на поетите, на дрварите и на рибарите кои ја бакнале.
(препев Анте Поповски)
Димитрис Христодулу (1924-1991)
ЈАД
Морскиот брег е долг,
брановите високи
голем е јадот,
а горчлив гревот.
Во мене пелин река
крвта од твојата рана,
а од крвта уште погорчлив
бакнежот од твојата уста.
Не знаеш што е студ
ноќи без месечина.
Нема да сетиш,
а за миг
болката ќе те земе.
Во изведба на Битикоцис, на музика на Теодоракис
Манолис Анагностакис (1925–2005)
СТАРИ ПАТИШТА
Стари патишта
кои ги сакав и ги мразев
бескрајно.
Да ми е да чекорам
под сенките на куќите –
ноќи на навраќање
незаобиколиви
и градот, мртов.
Моето неважно присуство
го откривам на секое ќоше.
Да ми е да те сретнам, еден ден
загубен спектару на мојата страст,
заборавен и бунтовен да чекорам
држејќи една растреперена искра
во сувите дланки.
И чекорев во ноќта
без да познавам никого
и никој,
никој не ме познаваше.
И чекорев во ноќта
без да познавам никого
и никој,
никој
не ме познаваше.
На музика на Теодоракис, во изведба на Маргарита Зорбала
Ти реков, и пак ти велам
(традиционална)
Ти реков и пак ти велам:
не се симнувај крај брегот
таму има бура,
те обзема и те понесува.
А кога ме зема
и ме носи
долу во длабоки води,
од моето тело правам брод
од моите раце весла
а моето од мало шамивче едро –
заминувам во далечина.
Ти реков и пак ти велам:
не ми пишувај писма,
зошто букви не познавам
и се расплакувам.
Не патував далеку –
моите години имаа корени, тие беа дрвјата
срцето ги облече во лисје
и ги остави да процутат на камен.
Не патував далеку –
луѓето кои ги сакав беа шуми
моите пријатели беа месечини и острови
моето срце беше жедно по нив.
Моето најдолго патување си ти
ти си ноќта, ти си сон на јаве
мала татковино
мое тело и почеток
моја земјо,
мој воздух и здив.
Даларас:
Илина, Букбокс