Ќеф, мерак и тага

Графичка новела за „грчкиот блуз“

Во склоп на нашите традиционални напори за приближување на грчката култура во пакет со летните туристичките аранжмани и шопинг турите кај нашиот јужен сосед, еден стрип посветен на ребетико, која не е само музика, туку начин на живот.

Манос Хаѕидакис, познатиот грчки композитор и теоретичар на музиката, го има сумирано духот на „ребетико" во три збора, кои и нам ни се прилично познати: ќеф, мерак и „кајмос" или тага. Како и други познати субкултурни музички форми во други контексти, како блузот, фламенкото, фадото и тангото, и ребетико е поврзан со суровата реалност на животот на маргините. Темите се криминал, алкохол, сиромаштија, дрога, насилство, но и војните, социјалната неправда и егзилот.

Историјата на овој жанр, со бројни поджанрови, е сложена, и врзана за пристанишните градови на Грција, со нивните узерија, бордели и хашишарници, и мешавините на инструменти и ритми од Мала Азија и Европа: бузукито, гитарата, лирата, кларинетот, удот, виолината.

Најтежок период од дваесетите години на дваесетиот век од кога се забележани првите примери на ребетико, бил оној за време на владеењето на генералот Метаксас во 1930-тите, кога бунтовните стихови кои поттикнувале на пороци биле цензурирани, а и музиката со ориентални влијанија не поминувала добро кај властите, кои се залагале за генерална „европеизација" на земјата.

Судбината на изведувачите на ребетико, луѓе со слободарски дух кои станале мета на еден режим ја опишува францускиот цртач Давид Прудом во неговата графичка новела „Ребетико (лоша трева)", која неодамна излезе и на хрватски. Целата приказна е сместена во само едно деноноќие - во помалку од 24 часа една група свирачи ќе проживее цел живот, од љубовни авантури, музички сеанси до судири со полицијата и мафијата. Еден Американец со грчко потекло им нуди снимање плоча и слава, но еден од музичарите ја зема неговата визитка и - ја јаде.

„Плочите ќе станат нашите споменици..", вели друг во муграта на вториот ден, „наши сандаци. Зеленчукот е за продажба. Кој може да продава ноти? Ветерот не е на продажба..тој едноставно се случува."

Прудом уверливо го оживеал духот на едно време и еден светоглед, со приказни базирани врз вистински ликови, кои прераснале во урбани легенди. За нив музиката не била само забава, туку начин на живот.

Лукас Далара (татко на пославниот Јоргос) - „Богатото дете"

Сотириа Белу (една од многубројните жени - изведувачи на ребетико, 1949) - „Се разделивме една зора"

20 јули 2013 - 09:37