Ова лето на 98-годишна возраст почина првиот претседател на Замбија, кој на нејзино чело беше цели 27 години. Истовремено, беше еден од најистакнатите членови на некогашното Движење на неврзаните. Со оглед на своето големо државничко искуство, тој знаел дека говорите не се единствен начин да се пренесат важни пораки, туку дека тоа може да се прави и преку музика. Но до скоро беше заборавен еден негов албум од 2005 под наслов „Ќе се бориме со ХИВ/сида“, кој содржи 11 песни. Него го пронашла една невладина организација и група млади музичари, кои биле инспирирани од ваквиот тип ангажираност на еден политичар.
На албумот тој малку пее, а малку рецитира, со својот пријатен и длабок баритон, при што делумно зборува на локалниот јазик бемба а делумно на англиски. „Деца на Африка. Запомнете, превенцијата е подобра од лек. Апстиненцијата е служење на Бога. А ако не можете да се воздржите, користете кондом“.
Каунда отсекогаш бил малку поинаков револуционер. Во раните 1960-ти додека го предводел движењето за независност на Замбија од Британците, герилскиот лидер знаел да се вози наоколу со точак и со себе да носи гитара. Голем број фотографии го прикажуваат како носи инструмент и на меѓународни посети.
Единствено со што располагале оние кои го пронашле албумот била статија од Ројтерс од 2007 во која се пренесува кратка вест за тоа дека Каунда го снимил албумот, нарекувајќи го „пејачкиот претседател“. Но ова било далеку од само некаква кампања за подигнување на свесноста за опасноста на болеста. Синот на претседателот, Масузго, починал од сида во 1986, а кратко време потоа Каунда станал еден од првите африкански лидери кои ја обелодениле епидемијата. До тогаш сидата била поврзувана со срам, стигма и криење на реалната ситуација.
Сега организацијата се надева дека ќе го реиздаде оригиналниот албум, а ќе покани и современи артисти да ги снимат песните, чии ритми им звучат познато на фановите на јужно-африканскиот поп. Продуцент на оригиналниот албум бил Рики Илилонга, кој станал познат по својата пионерска улога во замбискиот рок („замрок“) од 1970-тите.
Истовремено, иако е направен огромен напредок во третирањето на инфицираните од ХИВ/сида, сепак глобално во 2020 имало 1,5 милион луѓе заболени од овој вирус, со што потребата од едукација на оваа тема се уште е актуелна.