Во мај 2014 Амазон ги извести своите муштерии дека веќе нема да прима нарачки за книги од Ашет, а како причина ги наведе пропаднатите преговори околу делењето на профитот. Ашет од своја страна го обвини најголемиот онлајн трговец на светот дека престанал да дава попусти на нивните книги, со тоа удвојувајќи ја цената на насловите кои се продаваат во САД во однос на истите во Британија.
Ова е голем проблем ако се знае дека Ашет објавува околу 1,000 наслови годишно, меѓу кои и автори како Малколм Гладвел, Роберт Галбрајт (псевдонимот на Џ. К. Роулинг), Џејмс Патерсон и Дејвид Седарис. Главната кавга всушност е околу продажбата на електронските книги на овие и на други, помалку познати автори. Амазон смета дека издавачите земаат преголем процент од ваквите книги, а притоа не придонесуваат многу во нивното производство. Во традиционалното издаваштво највисокиот процент кој може да го добие авторот е 15% од продажната цена на книгата, а со електронските тоа е 25% од нето приходот. Но Амазон смета дека тоа не е доволно добро, и на авторите кои сами си објавуваат книги но ја користат платформата на Амазон им дава 35%.
Нормално, ова ја подрива улогата на традиционалните издавачи, кои грчевито се држат до нивното парче од колачот. Од друга страна, тоа значи агресивна промоција исклучиво на автори и издавачки куќи кои играат по правилата на големиот Амазон, а маргинализирање, па дури и целосно бришење на сите останати. Некои од финтите се намерно доцнење на испораките на книгите од други издавачи („следниот ден" може да значи и 2-5 недели), а некои од насловите воопшто и не се појавуваат кога ги пребарувате. Сето ова значи пад на продажбата за куќи како Ашет.
Амазон изјави дека има направено три различни предлога кон оваа издавачка куќа кои не биле прифатени, и дека на крајот на краиштата тоа е само еден од 70,000-те партнери на Амазон (читај: без кого и се може), што индиректно укажува на односот на моќ во целата приказна. Амазон имено држи 41% од продажбата на сите нови книги, значи СИТЕ, од главните издавачки играчи, независните издавачи, самоиздадените книги, електронските и на хартија. Тоа не значи само многу пари од книги, туку значи и профилирање на читателскиот вкус, не само продавање култура, туку и нејзино создавање.
Ова ги крена на нозе и американските и европските автори, секој со свој став во зависност од тоа на која страна се наоѓа во издавачкиот синџир. Њујорк тајмс на почеток на месецов објави отворено писмо потпишано од 909 американски писатели и издавачи, вклучувајќи ги Џон Гришам и Стивен Кинг. Оваа недела пак слично писмо излезе во германските, австриските и швајцарските весници, потпишано од 1,000 автори од Европа, меѓу кои и нобеловката Елфриде Јелинек. На тој начин целата приказна доби дополнителни европско-американски културолошки тонови. „Американската компанија одбива да ги прифати нашите традиционални културни вредности, затоа што размислува само во економски параметри", изјавила Ингрид Нол, позната германска авторка на криминалистички романи. „Мораме да се обединиме во заштитата на нашите вредности".
Продолжението на преговорите меѓу Амазон и европските издавачи се очекува за време на Франкфуртскиот саем на книгата, кој почнува на 8. октомври. До тогаш муабетите ќе се вртат околу суровиот капитализам на Амазон и лажниот елитизам на Европејците. Некаде помеѓу е онеправданиот читател, кој наместо да бара препораки за книги онлајн можеби е подобро сам да копа по подруми, антикварници и по домашните библиотеки на пријателите, или да се зачлени во старата добра маалска библиотека.