Новиот објект во рамки на Универзитетот Васеда не е обична библиотека. Дизајниран е од славниот јапонски архитект Кенго Кума, а во него се сместени 3000 книги на Харуки Мураками, преведени на 50 различни јазици. Истовремено, тука е лоцирана и архива на материјали донирана лично од авторот.
Споменатиот Универзитет е одбран како локација бидејќи тука Мураками студирал театар (а не книжевност) во младоста. Всушност, првиот роман го има напишано на 29-годишна возраст, неколку години по дипломирањето.
„Писател сум речиси четири децении и за тоа време натрупав повеќе материјали отколку што можам да чувам“, изјавил Мураками по повод донацијата на библиотеката, која вклучува ракописи, скици и лична колекција од 20.000 (!) плочи. Својата донација тој ја образложил и со фактот дека нема свои деца на кои би им ги пренел овие нешта.
Како одраз на нештата кои ги сака Мураками, институцијата вклучува бистро во кое работат студенти, а кое нуди и посебно кафе дизајнирано според вкусот на авторот, како и простории каде посетителите на раат можат да ги слушат плочите. Бистрото се вика „Портокаловата мачка“, и е именувано според првиот обид за бизнис на Мураками, „Питер кет“ - џез бар кој тој го раководел додека не заработил доволно за да му се посвети исклучиво на пишувањето.
Една од просториите е реплика на моменталната работна соба на Мураками (слика горе), каде што тој го минува поголемиот дел од времето. Таа не е отворена за посетители да работат во неа но може да се погледне како изложбен простор.
Додека не ја посетиме библиотеката во живо тоа може да се направи тука.