Писателката Ан Нојз Саини (Anne Noyes Saini) почнала да ги интервјуира возрасните жители на Њујорк во врска со нивните спомени за храната од детството и младоста. Целта на она што потоа прераснало во проект е следењето на промената на градот од аспект на исхрана - како еволуирале начините на купување храна, рестораните, пазарите и штандовите, но и како се менувала понудата и популарноста на одреден вид јадење.
Проектот е под наслов „Заборавените јадења на Њујорк", a интервјуата се достапни во аудио формат преку Soundcloud, како на пример ова.
Во овие приказни луѓето со носталгија зборуваат за храната која ја оставиле во земјите од кои дошле, но и за онаа од нивната младост, за тие попримитивни но некако драги начини на подготвување и чување на храната. Како што раскажува еден чичко, бидејќи немало фрижидери, таа се чувала во кутии кои се полнеле со мраз, а пак мразот се продавал, исто како и овошјето и зеленчукот во колички, на улица - ја поддаваш главата од прозорец и го викаш „ајс-мен" да ти ја наполни.
Јадењето надвор не се сметало за нешто што е пристојно да се прави многу често, не само заради трошокот, туку и заради ценењето на семејната трпеза како општествена вредност, и во гастрономска и во социјална смисла. Најраните искуства со брзата храна биле автомати со топли оброци кои работеле на железни парички, полнети од работници зад машината. Еден 85-годишен пак се сеќава на некогашните фонтани со сода, каде си можел да си потпивнеш сок додека гледаш пренос од бејзбол натпревар.
Она по што усните истории се специфични е што слушајќи нечиј глас, специфичниот акцент и возбудата кога некој раскажува за своето искуство човек повеќе се внесува во кажаното, кое на овој начин добива автентичност која „сувиот" пишуван текст понекогаш ја нема.