„Потврдувам дека тој и тој, по вера католик, на возраст од 17 години, ја има прележано моменталната епидемиска треска.
Гибралтар 31 декември 1828.“
Во 19 век не бил познат концептот на имунитет, но сепак се знаело дека оној кој прележал тешка заразна болест, како жолтата треска, е помалку веројатно дека ќе заболи од последователни инфекции. Ситуацијата со оваа болест низ Европа била тешка, но ова особено важело за Гибралтар каде во 1804 починале 2.200 луѓе, што тогаш претставувало една четвртина од постојаните жители и воениот персонал кој живеел внатре утврдениот град. Денес се знае и името на првиот кој ја донел на ова место - се викал Санто и бил трговец кој патувал во Шпанија, каде најверојатно бил каснат од комарец кој му ја пренел треската. Само еден ден по неговото враќање починал, со што станал првата документирана жртва од жолтата треска на Гибралтар.
Симптомите почнале да се шират и кај другите жители, и биле ужасни: пожолтување на кожата и очите, од каде што и потекнува името на болеста; повраќање темна супстанца; крварење од очите, носот и устата. Здравствените власти се обиделе да ја искоренат болеста, но без успех со оглед на тоа што не го разбирале начинот на нејзино ширење. Дури на почетокот на 20 век се утврдило дека комарецот Aedes aegypti е вектор на жолтата треска, тивко пренесувајќи го вирусот од човек на човек, цицајќи им ја крвта.
Во 1828 Гибралтар ја минувал петтата епидемија, кога на властите им паднала на памет иновативна мерка - на преживеаните им биле давани „пасоши за треска“ кои ја потврдувале нивната „неповредливост“ односно во денешни термини, имунитет. На тој начин им била зголемена слободата на движење, во време кога значаен дел од населението било во строг карантин.
Ова потсетува на денешните „вакцинални пасоши“ - документи, дигитални или на хартија, кои го докажуваат вакциналниот статус, а без кои денес не може да се влезе во голем број објекти (од трговски центри до концертни сали). Такви имало и пред жолтата треска, уште во 15 век, кога патници носеле потврди, но не за стекнат имунитет, туку дека доаѓаат од локација во која нема чума. Сепак, оние првите кои сертифицираат отпорност кон болест се токму од Гибралтар, од пред 200 години.
Лоциран на јужниот дел од Пиринејскиот полуостров, Гибралтар претставува мало парче земја на кое доминира познатата Карпа. Стотици години оваа стратешка локација во близина на тесниот истоимен премин, единствената рута во Средоземного море преку Атлантикот, била мета на разни освојувачи. Кога на почетокот на 19 век тука избила епидемијата, влезот и излезот во градот бил строго контролиран од британски воен гувернер. Полицијата имала право да го надзира населението, а портите биле постојано чувани од војници. За да се влезе и да се излезе била потребна потврда. Под ваквиот систем граѓанинот немал никакви права.
Сепак, и во вакви околности Гибралтар бил значајно трговско место, космополитиски град каде се собирале луѓе од Италија, Шпанија, Мароко и Англија, како за трговија така и за вработувања. Но токму ваквата гужва, пренаселеноста и фактот дека луѓето живееле во простории со по десет и повеќе луѓе внатре значело дека ширењето на болеста е олеснето. Жештините и влажноста исто така обезбедувале идеални температури за виреење на инсектите кои располагале и со огромно количество на застојана вода. Кога населението почнало масовно да умира, телата се трупале толку брзо што можело да се направи сандак само за еден од четирите мртви. Оној што ќе преживеел можел да се надева на „пасошот“, кој му овозможувал послободно движење и барем привремено бегство од ваквите услови.