Годината е 2055, патувањето низ времето станува реалност и тоа таква која може да се комерцијализира. Компанијата Тајм Сафари на богатите авантуристи им нуди можност да патуваат назад во далечни времиња за да ловат истребени видови, на пример диносауруси.
Ова е почеток на краткиот расказ „Звукот на грмотевицата“ на Реј Бредбери објавен во 1952. Главен лик е ловец по име Екелс, кој плаќа 10.000 долари за да се придружи на група која ќе патува 66 милиони години во минатото за да убие Тираносаурус рекс. Додека се подготвуваат за поаѓање, тие муабетат околу неодамнешни претседателски избори, во кои десничарски кандидат-нацист, Дојчер, е победен од својот опонент Кит, што предизвикува олеснување кај голем број загрижени граѓани.
Кога групата пристигнува во минатото, водичот Тревис ги предупредува учесниците дека што и да прават не смеат во преголема мерка да го менуваат текот на нештата, бидејќи и најмалите промени во далечното минато можат да предизвикаат лавина од катастрофални поместувања во историјата. Ловците треба да следат утврдена патека за да не ја вознемират околината, а убивањето е дозволено само на оние единки кои се однапред обележани од страна на компанијата, поради проценката дека нивната смрт би имала минимален ефект на иднината.
Иако Екелс на почетокот е возбуден околу ловот, кога огромниот Ти-рекс му се приближува тој почнува да паничи. Наместо да се врати по патеката до временската машина, тој отстапува од неа и навлегува во шумата. Водичите се гневни и во еден момент сакаат да го остават Екелс во минатото (па дури и да го убијат), но тој успева да се врати со нив во 2055.
Сепак, нештата не се исти како на почетокот од патувањето. Англиските зборови звучат необично, луѓето се однесуваат поинаку, а Екелс открива дека Дојчер ги добил изборите наместо Кит. Кога погледнува во своите чизми, тој на нив наоѓа згмечена пеперутка, чија смрт предизвикала „глич“ во текот на настаните и довела до алтернативната сегашност. Вознемирен, тој моли да биде вратен во минатото и да ја исправи работата, но водичот му повторува дека временската машина не може да се врати во момент кој веќе го посетила. Тогаш Травис ја крева пушката и се слуша „звук на гром“.
По расказот во 2005 е направен и истоимен филм со Бен Кингсли и Кетрин МекКормак, а за неа постои референција и во Симпсонови. Но нејзината вистинска популарност се должи на тоа што таа содржи прва печатена референца на она што подоцна стана познато како „ефектот на пеперутката“ - идеја дека мали нешта може да имаат нелинеарни и големи влијанија во комплексни системи.