Пред повеќе од еден век мотото на уметниците од виенската Сецесија било „секое доба со своја уметност; слобода за уметноста“. Но оваа „слобода“ денес е доведена во прашање, со оглед на цензурата која ја вршат алгоритмите на социјалните мрежи за кои голотија е голотија, без оглед дали истата е на слика на Егон Шиле или од порно сајт.
Како форма на протест, туристичкиот одбор на Виена отворил профил на ОнлиФанс - единствената социјална мрежа која дозволува прикази на голи тела, и е наменета само за возрасни.
Ова се случува откако во јули новиот профил на Музејот Албертина на ТикТок бил укинат а потоа блокиран откако на него биле објавувани дела на јапонскиот фотограф Нобијоши Араки, на кои биле прикажани замаглени женски гради. Музејот по ова морал да отвори нов профил. Ова се случило по сличен инцидент во 2019, кога Инстаграм пресудил дека слика на Питер Пол Рубенс е спротивна на стандардите на платформата кои забрануваат каква и да е голотија, дури и кога таа е „уметничка или креативна“.
Во 2018, Природонаучниот музеј објави фотографија на Вилендорфската венера, минијатурна фигура која Фејсбук ја оцени како порнографска и ја отстрани од платформата.
Мака мачел и Музејот Леополд, кој се обидувал да ја промовира својата збирка на експресионистот Егон Шиле како дел од туристичката кампања на градот во 2018 кај регулатори од Германија, Британија и САД. Бордот успеал на крај да ги протне постерите, но со банери кои ги прикриваат голите делови на кои пишувало: „Извинете - 100 години стари, но контроверзни и денес“.
Сега овие дела, и многу други, се објавени во целост, безбедни од заканата на цензурата. Првите кои ќе почнат да го следат профилот „Виена +18“ на ОнлиФанс ќе добијат Виенска карта која важи во метро и за попуст во голем број културни и уметнички институции.