Bharatiya Janata Party или Партија на индискиот народ, основана 1980, е втора по големина, но прва според бројот на претставници во индијскиот парламент. Нејзин водач, а истовремено и министер за надворешни работи е Сушма Свараџ, и токму тој го има започнато трендот на заколнување на санскрит, кој сега го продолжуваат и неговите партиски колеги, како министерот за здравство и министерската за водени ресурси.
Но освен лингвистите кои се занимаваат со него, дури и оние кои на пописите изјавиле дека санскрит им е мајчин не го користат во секојдневниот живот. Оттаму ваквата мода се смета за сигнал на верски и културен национализам, промовиран од споменатата десно ориентирана партија, која сака да се „врзе" со древната хинду традиција и со јазикот на кој се напишани нејзините класични дела, како на пример епот Бхагават гита.
„Ова е симболички чин на BJP да се идентификува со хинду национализмот или Хиндутва", вели раководителот на одделението за санскрит на Делхискиот универзитет. Но други негови колеги се трогнати од гестот, и велат дека поголемата употреба на санскритот во секојдневниот живот „би ја запрел моралната деградација" на земјата. Со тоа го нагласуваат и неговиот елитистички карактер, бидејќи долго низ историјата него го користеле повисоките, образовани, и во пакет со тоа, наводно морално супериорни класи.
Национализам и популизам промовиран низ употреба на јазик кој ретко кој го разбира? Само на прво слушање звучи парадоксално. Бидејќи без оглед дали се работи токму за ова, или за промовирање на некаква генерална политичка посебност и препознатливост, стратегијата функционира - бројот на министри и парламентарци од оваа партија од избори до избори постојано се зголемува.
Санскритот инаку е вклучен во Уставот на Индија како еден од 22 официјални јазици, а во Парламентот секој член може да зборува на него или да бара превод. Сепак, до скоро никој не почувствувал потреба да се повика на тоа свое право.
Кој знае која би била македонската паралела - старословенски или античко македонски?