Одбор на католичко училиште во Провиденс, Канада, коj е надлежен за 30 училишта на француски јазик во југозападно Онтарио, Kaнада, уништило околу 5000 книги за деца. Според Радио Канада, церемонија на „прочистување низ оган“ се одржала во 2019, кога биле запалени околу 30 забранети книги „заради образовни цели“. Пепелта била искористена како ѓубриво за засадување дрвја, за „негативното да се претвори во позитивно“, односно за „од пепелта на расизмот и дискриминацијата да изникне инклузивна земjа во која сите ќе живееме просперитетно и безбедно“.
Документ од 165 страници, пак, деталнo ги наведува сите наслови кои биле елиминирани и на други начини, како и причините зошто е сторено тоа. Тука има стрипови, романи, енциклопедии, во кои домородното население (не само од Канада, туку воопшто) наводно е претставено како „мрзливо, пијано, глупаво“. Стрипот Тинтин во Америка е тргнат затоа што содржи „неприфатлив јазик“ и „негативно портретирање на домородни народи“. „Таличниот Том“ настрадал поради „нерамнотежна на моќ“ помеѓу белите и домородните, на кои се гледа како на „лоши“. „Освојување на Западот“ е оценета како неподобна поради зборот „освојување“ во насловот. Исто така се отстранети книги-прирачници за одредени занаети и вештини кои се опишани како „културолошко присвојување“. Во друга пак имало активност „јади, пишувај, облечи се како домороден Индијанец“. Нормално и таа отишла курбан.
Живите автори на некои од книгите се истовремено збунети и гневни. Некои од нив се наградувани низ годините или книгите им се бестселери. Тоа се книги за деца, а не историски учебници, често се хумористични, забавни но и поучни. Предмет на контроверзи се и биографии објавени во 1980-тите кои биле повлечени поради тоа што информациите во нив биле „застарени и погрешни“. Според комисијата една од нив просто немала убава корица - на неа е прикажан истражувачот Етјен Бруле, првиот Французин кој живеел помеѓу домородците.
Слични церемонии на „прочистување низ оган“ требало да се одржат и во други училишта од спомнатиот регион, но пандемијата ги одложила. Почетната идеја за нивно палење потоа била напуштена по реакции на родители и наставници, но сепак биле уништени, или со речникот на портаролот на училишниот одбор, „рециклирани“, поради нивната наводна застарена и несоодветна содржина. Се разбира сето тоа оправдано како гест на отвореност кон другите заедници и Првите нации присутни во училиштата.