Летото 2012 голем број филозофи на британските и американските универзитети по пошта добиле голем пакет без повратна адреса. Содржел книга на 560 страници, напишана на англиски, но со прилично помпезен наслов на латински, Summa Metaphysica, од аматер чие име не го препознале - Дејвид Бирнбаум. Не е необично на катедрите по филозофија да стигнува пошта од разни откачени типови кои сметаат дека ги откриле тајните на постоењето, но тоа се обично писменца, рачно пишувани белешки или во најдобар случај нешто отпечатено на принтер. Нo ова било професионално изработена книга која содржела пофалби од Клод Леви-Строс, славниот францускиот антрополог, кој ја опишал како „впечатлива и длабока", како и од физичарот Џон Вилер од Принстон, кој некогаш соработувал со Ајнштајн.
Наскоро се дознало дека книгата е отпечатена во 40,000 примероци - тираж кој не може да го постигне ниту еден академски филозоф. Ај што таа тврдела дека решава бројни фундаментални проблеми во филозофијата, физиката и теологијата, туку на грбот на книгата каде се појавува името на издавачот стоел и еден прилично убедлив збор - Харвард.
Од тука натаму приказната станува сè почудна. Во мај оваа година истакнати научници, филозофи и теолози биле убедени да присуствуваат на „меѓународна академска конференција" на колеџот Бард, почитувана институција во близина на Њујорк, при што сите трошоци им биле покриени. „Особено сме горди да најавиме дека во текот на дискусијата ќе биде присутен и Дејвид Бирнбаум", стоело на поканата.
Неколкумина од најважните истражувачи во различни области на денешнината, како астрофизичаари, експерти за Спиноза и теолози се појавиле на местото, привлечени од релевантни референци, кои се однесувале и на книгата и на местото на одржување на собирот. Но пристапот на Бирнбаум бил далеку од конвенционален - веднаш почнал да им дели на гостите маици со „Сума метафизика" на нив, за подоцна да излезе дека тој самиот си ги покрил сите трошоци, и на тој начин, според коментарите на присутните, „си купил легитимитет".
Научници ко научници, нормално појма немале кој е човекот, дека е истакната фигура во њујоршката трговија со накит, кој работи со клиенти како Голди Хон или Џејмс Гандолфини и куп анонимни супер богаташи. Но за разлика од други успешни бизнисмени, кои би одбрале да купат јахта или да одат на скијање на егзотични локации опкружени со убавици, Бирнбаум решил да се занимава со - космосот. За жал, неговото занимавање со најсуштинските прашања на теоретската физика и напредната филозофија е оценето како „епско ниво на незнаење", или „како кога Рон Хабард - основачот на сциентологијата - некоја вечер пијан имал секс со Ејн Рајнд и од тоа се родило копиле од мисла". Има и такви кои искуството на соработката со него го нарекле едноставно „отров".
Од друга страна, дали е можно некој Евреин растен во Квинс навистина да го пробил космичкиот код, ставајќи ги во незгодно академските елити? Што е со проблемот на „научниците аутсајдери" - опсесивните аматери, со ич или со малку универзитетско образование, кои тврдат дека мејнстрим науката има свртено по погрешен пат, и кои се посветуваат на конструирање алтернативни теории на реалноста? Маргарет Верхајм во нејзината книга на темата „Физика на работ" ги истражува ваквите случаи, наведувајќи еден по име Џим Картер, кој ја отфрла квантната физика, велејќи дека универзумот всушност е составен од минијатурни честици во форма на крофни, наречени цирклони. Што и да може да се каже за оваа теорија, дијаграмите на овие цирклони на Картер, обоени во разни бои, се прекрасни, и биле изложени еднаш во Уметничкиот музеј во Санта Моника (на сликата горе).
Можеби ваквите теории не треба да се земаат сериозно, но она што стои зад нив, целиот тој ангажман и мотивација, би требало да се сфаќа така. Особено она дека тајните на универзумот треба да бидат разбирливи за обичниот мислечки човек, за што се залагаат овие аматери, сметајќи дека нивните теории се токму такви, едноставни и неелитистички. „Што се случува кога официјалната космологија, официјалната слика на светот, им е буквално неразбирлива на 99,9% од луѓето? На некое ниво, зарем не е тоа нездрава ситуација за општеството", се прашува Вертхајм.
Во случајот со Бирнбаум, неговата Сума метафизика се состои од две книги: прв том, кој е некој вид вовед на 270 страници, а потоа 560 страници на она главното (неговите дела тој ги промовира преку 12 веб страници, вклучувајќи ги philosophy1000.com, womb1000.com и potential1000.com). Новинарот на Гардијан, кој се помачил да ја прочита книгата за да ја претстави вели дека се работи за напорно четиво, како заради должината, така и заради тоа што се работи за мистична проза, од време навреме зачинета со капс локови. Така, типичната реченица гласи: „Космичката траекторија води од ПРАЗНИНАТА без дно, до бескрајното ИСКЛУЧИТЕЛНО". Големата идеја се нарекува „поход по Потенцијалната теорија" или Q4P или Q4P∞. Со оглед на тоа што содржи и пан-историски врски и скриени пораки, таа понекогаш создава чувство дека го читате Ден Браун.
На бројните критики Бирнбаум одговара гневно: „Тие се непријателски настроени кон мене затоа што сум аутсајдер. Кој е овој тип што ни упаѓа и ни кажува дека сме згрешиле? Најубаво да си се убие самиот, колку побргу толку подобро", го сумира мислењето на критичарите за него. А што се однесува до името на издавачката куќа, таа му се вика Харвард Матрикс, што нели е тешко да се помеша со Харвард Универзити Прес (особено ако е ставен само првиот збор). Се колне дека мислењата на експертите испишани на корицата се автентични, а сите овие технички прашања под нивото на секоја дискусија.
Но во историјата на науката има примери каде некој самоук навистина направил револуција на одредено поле. Таков е примерот со физичарот Мајк Фарадеј, кој почнал како продавач во книжарница. Витгенштајн учел за инженер кога почнал да се занимава со филозофија. Така и идеите на Бирнбаум според неговите бранители и не се толку вон здравиот разум, особено концептот на потенцијал со кого се занимавале и античките филозофи. Работата е што тој е прилично површен и неубедлив во разработувањето на инаку интересната и релевантна идеја.
Ако ништо друго Бирнбаум и сличните на него се уште ги поставуваат „големите прашања". И неговиот совет за вистинско читање на теориите кои ги предлага е - не му мислите премногу, опуштете се, и потенцијалот сам ќе ви се разоткрие како движечка сила на вселената, кој според Бирнбаум „е еден од најнежните концепти". Ова со опуштањето навистина може да им користи на голем број научници, кои се сфаќаат себеси премногу сериозно, а сите аматери-научници ги третираат како шарлатани.