Злосторот извршен од чиста злоба и нетолеранција ги шокирал жителите на белгискиот град. Тоа за швајцарскиот театарски режисер, по образование социолог, Мило Рау, покренало бројни прашања. На пример тоа дали уметноста може да му даде смисла на еден ваков, во основа бесмислен чин. Убијците биле пијани, го сретнале Џарфи, никогаш немале намера да го извршат делото, ама едно нешто водело кон друго, и на крај Мароканецот е убиен.
42-годишниот Рау е веќе еден од милениците на европските театарски фестивали заради провокативноста, но и заради реалниот талент. Во претходна претстава „Пет лесни парчиња“ негова тема беше педофилијата, во „Хејт радио“ геноцидот во Руанда, а во една од поновите како актери се обидел да ангажира реални џихадисти.
Сега, неговиот Меѓународен институт на политичко убиство, како што му се нарекува театарот, гостува на Меѓународниот фестивал во Единбург (3-5 август) со претставата „Реприза: историја/истории на театарот“. Притоа тој користи сиров материјал за хомофобичното убиство опишано погоре, за да зборува за нашите ставови кон насилството, и кога тоа е реално и кога е изглумено.
Низ мешавина на филмувано испрашување и документарна симулација на настаните, Рау користи екипа професионалци и аматери за да влезе под кожа на убиството на Џарфи. Во претставата глумат поранешниот партнер на убиениот и неговиот татко, кои дале согласност околу целиот проект. Тој е наречен „Реприза“ заради повторливата природа на театарот, на емоциите и на фактите кои се дел од него. Ако некој е убиен на сцената сите знаат дека следниот ден тој актер повторно ќе биде таму. За жал, не е така и во животот. Така, претставата станува ритуал на разговор со мртвите, со надеж дека тие ќе слушнат.