Раѓањето на поп музиката е поврзано со американски композитор од средината на 19 век. Се викал Стивен Фостер, и бил автор на првите песни кои доживеале широка популарност, до тој степен што биле третирани како да се напишани од „народот“, а не од човек со име и презиме. Меѓу нив се славната „О, Сузана (не плачи за мене)“ или прекрасната „Џини со светло-кафената коса“, посветена на неговата сопруга.
Бич бојс, Битлси, Боб Дилан и Нет Кинг Кол - сите тие направиле свои верзии од песни на Фостер. За жал, со оглед на тоа што бил пред своето време, и живеел во време на зачетокот на музичката индустрија, тој немал начин да ги заштити авторските права на своите дела. Умрел млад, на само 37 години, во голема сиромаштија.
Периодот помеѓу Фостер, Елвис и Битлси е време на регтајм, водвиљ, блуз, „хилибили“, свинг, џез, бибоп, но секој од овие жанрови можe да бидe подведен под множеството на попот, бидејќи споделува некои слични својства - композициите прават да сакаш да заиграш; имаат краток животен век бидејќи енергијата на поп музиката произлегува од постојаната потрага по нешто ново; најчесто се сметаат за закана по воспоставениот морален или социјален ред; и доста често потеклото на одредена поп песна, барем во САД, била од црнечка музика.
Паралелниот развој на музиката индустрија бил одлучувачки за тоа како звучел поп-от и соодветно на тоа, како требало да свират неговите креатори. Во раните 1900-ти студиските музичари морале да го прават тоа многу гласно за звукот да биде регистриран од огромна лимена труба, поврзана со игла која режела восочен цилиндер. Изумот во форма на микрофон за прв пат им овозможил на вокалистите да ја користат суптилноста во нивните гласови. Се создала „технологизирана интимост“ која го поплочила патот за следните генерации.
Успехот на една песна, пак, бил мерен согласно тоа колку примероци од нотни записи можеле да се продадат. На пример „Мејпл лиф рег“ на Скот Џоплин се продала во милион копии во 1899. Подоцна успехот се мерел согласно продажбата на сингл-плочите. За жал, ништо од ова не му донело пари на Фостер, кој ги испраќал рачно пишуваните нотни записи директно до издавачите, кои не му ги враќале ниту пак ги архивирале во библиотеки. Признанието дошло многу подоцна, иако дел од музиколозите и денес му замеруваат за расизам, присвојување на црнечката музика и навредливи стихови кон маргинализираните групи во дел од песните.
Неговата смрт до денес не е разјаснета. Наводно му се слошило, паднал и си го пресекол вратот по што искрварел. Но некои велат дека станувало збор за самоубиство. Во неговиот новчаник било пронајдено парче хартија на кое пишувало „Драги пријатели и нежни срца“, заедно со 37 центи, по еден цент за секоја година од неговиот живот.