Прслукот е една од оние работи за кои не може да се каже дека била „измислена“ или „пронајдена“. Затоа што откако има жени со гради кои требало да се „припитомат“, заштитат или просто скријат, постојат и начини на нивно врзување, покривање и криење. Како и зошто е правено ова е веќе прашање на култура, статус и идеали на убавина во времето во коешто тие живееле.
Еден релативно нов и многу интересен подкаст на историски теми под наслов „Истражувачка“ (The Exploress) ja анализира оваа тема, користејќи како извори директно сочувани примероци на она што денес го нарекуваме „градник“ но и уметнички дела или записи за тоа како тие изгледале.
Древните Грци секако знаеле нешто за припитомувањето на градите, па така во 14-тото пеење од „Илијадата“ Хомер ја опишува божицата Афродита со следниве зборови: „...Рeче, и појасот везен од своите г’ одреши гради, шарен, што г’имала в него сокриено страстите свои“ (препев Михаил Д. Петрушевски). Ова „појас“ е малку збунувачко бидејќи звучи како нешто што се носи околу струкот, но поради спомнувањето на градите станува јасно дека сепак станувало збор за некаков вид прслук.
Во древна Грција и Рим жените носеле и едноставна, неукрасена лента од платно, наречена строфиум. Како и во секоја ера, мажите имале свое мислење за тоа што треба да прават жените со своите тела, па Овидиј на пример, напишал дека ако градите не биле во „вистинската“ форма, тие требало да ги полнат своите прслуци. За самите жени, пак, тие имале повеќе практична примена, на пример градите да не им пречат додека одат на фитнес. Познатиот мозаик со Римјанките од Вила де Романа дел Казале на Сицилија, од четвртиот век, покажува жени кои вежбаат во гимназиум, со нешто што изгледа како денешни спортски прслук и бикини гаќички.
Кога се појавиле прслуците онакви какви што ги знаеме денес, со по едно парче за секоја града? Во 2008 година во замокот Ленгберг во Австрија истражувачите пронашле четири платнени парчиња кои датирале од средовековниот период, помеѓу 1390 и 1485. Сите четири изгледале како остатоци од модерни прслуци, кои не само што ги покривале туку и ги поткревале градите, бидејќи содржеле врвки на страните кои служеле за затегање. Сите биле украсени дополнително со тантела.
Повторно некои мажи имале коментар. Еден германски сатиричар од 15 век ги нарекол прслуците „торби за цицки“ во кои жените талкаат по улиците додека младите мажи зјапаат - ако дојките биле преголеми тогаш торбите биле всушност вреќи.
Од Ренесансата па до раниот 20 век прслукот е заменет, или повеќе вграден во корсетот, кој ја стегал половината а ги истакнувал „тапаните на Купидон“ (читај: дојките). Кралицата Мери Втора од Англија во 1600-тите како и Марија Антоанета во 1700-тите имале длабоки деколтиња, речиси до пупките. Во тоа време веќе се појавиле критичари на овој дел од облеката кои тврделе дека тој има штетно влијание врз женското здравје. Суфражетките во викторијанската ера биле убедени дека корсетот е пречка за еманципација - како на пример да возиш тогаш новоизумен велосипед со смачкани ребра?
Сепак, дури и подоцна еманципираните жени прифатиле дека градите некако ќе треба да се „приберат“. Во 1914 една 19-годишна девојка по име Мери сакајќи убаво да изгледа во новиот фустан импровизирала „прслук“ од две џебни шамивчиња и розева лента. По неколку месеци го патентирала изумот, кој од тогаш се води на име на нејзиното име, Мери Џејкобс. Следува дефинирањето на стандардите за „корпите“ на градниците (А, Б, Ц, Д), и експериментирањето со различни форми на корпите, како оние во форма на „куршум“ (bullet bra), со остар врв (види Мерлин Монро и холивудските глумици од нејзино време), до оној на Мадона дизајниран од Жан-Пол Готје од 1990.
Секоја година на 13 октомври се одбележува „Денот без прслук“ како промоција на свесноста за рак на гради. Но сите други денови прслукот е практичен, моден и еротски придружник на жените.